Apple генерално доста доцнеа со воведувањето на стапка на освежување од 120 херци кај нивните iPhone модели, а тоа уште го немаат направено кај нивните два основни модели.
Поради ова од компанијата добиваат доста критики затоа што сепак се работи за доста скапи телефони, а во случајот со Android ваква карактеристика имаат и доста поевтините од нив.
Според информациите, оваа година основите за критика ќе останат, па iPhone 16 и iPhone 16 Plus повторно ќе дојдат со „стандардни“ панели, без 120 херци стапка на освежување, како и без „Always-on“ екран.
Промена може да се очекува дури од идната година за кога се најавува дека Apple ќе почне да користи LPTO панели кај целата iPhone 17 серија.
LPTO панелите се сметаат како доста потребни за always-on екраните поради можноста за намалување на стапката на освежување до 1 херц, па со тоа ваквата функција не влијае многу на батеријата.
Со други зборови, iPhone 17 и iPhone 17 Plus ќе бидат телефоните кои ќе ја донесат always-on функцијата кај двата основни модели од iPhone, па корисниците треба да го земат тоа во предвид при правењето на плановите за купување, доколку тоа е нешто што им прави разлика.