Според информации од FastCompany, Tinder има развиено алгоритам којшто врши оценување на корисниците и врз основа на таа оценка, одлучува кои корисници на кого да ги покаже.

Ова е различно од концептот на апликација којшто подразбира многу едноставно спојување на луѓето. Избирате оддалеченост од вашата локација, пол и возрасна група, па апликацијата треба да ви ги прикаже сите корисници во рамките на избраните параметри.

Според информациите, алгоритамот врши оценка на пожелноста на корисниците, а истата за внатрешни потреби е наречена според шаховскиот термин „Ело оценка“.

Ело оценката на корисникот зависи од повеќе фактори, односно зависно од тоа колку корисници избираат да притиснат лајк или дислајк на профилот. Исто така, на оваа оценка влијае и видот на корисник којшто решил да притисне лајк, па така доколку на одреден корисник притисне лајк корисник со повисока оценка, на првиот корисник ќе му биде зголемена неговата оценка.

Оваа оценка не треба да се смета како оценка за тоа колку е некој привлечен, туку повеќе за тоа колку креираниот профил предизвикува пожелност кај другата страна, а на тоа може да влијаат повеќе фактори.

Од Tinder не излегуваат со официјални информации за тоа како точно работи нивниот алгоритам, иако директорот на компанијата за FastCompany го потврдува постоењето на алгоритамот и системот за оценки. Тој исто така истакнува дека им било потребно повеќе од 2 месеци да го развијат овој алгоритам и дека тој е посложен од правење на оценки само врз основа на лајкови и дислајкови.

Според ова, доколку сте корисник на Tinder, би требало да очекувате да ви бидат прикажани повеќе корисници од тоа што алгоритамот го смета за ваша „категорија“.

Ваквиот начин на работа може да се покаже и негативен за одредени корисници коишто ќе бидат лошо оценети, па нема да им се допаѓа изборот на алгоритамот за тоа што да им прикаже.

Извор: FastCompany, The Verge

Претходна статијаДенес завршува поддршката за Internet Explorer 8, 9 и 10, како и Windows 8
Следна статијаFacebook го има тестирано трпението на корисниците со „расипување“ на нивната апликација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.