Christian Wiediger на Unsplash

Telegram е една од најпознатите апликации за тајни разговори, односно шифрирани разговори достапна за повеќето популарни платформи. Иако не ја надминува популарноста на Signal, а посебно по користењето на затворен код во дел од кодот во најновите верзии од апликацијата, сепак Telegram останува еден од најмногу користените вакви сервиси во светот.

Telegram инаку е основан од браќата Павел и Николај Дуров кои се познати и како основачи на познатата руска друштвена мрежа VKontakte. Оваа мрежа е купена од страна на Mail.ru, по што Павел и Николај ја напуштаат компанијата.

Земјата од каде функционираат со Telegram не е точно позната по преселувањето од Русија, а потоа и од Берлин.

Оваа компанија веќе одреден период е во судир со руските власти, поточно руското FSB (Federal Security Service) поради одбивање да овозможат дешифрирање на одредени пораки побарани од агенцијата. Според FSB и руските власти, голем број на терористи ја користат оваа апликација поради нејзината заштита, а истата е користена за комуникација за организирање на терористички напади.

После повеќе месечна борба пред руските судови со Roskomnadzor, руската агенција за телекомуникации, суд во Москва одлучи денес овој сервис да биде блокиран во земјата. Блокирањето според одлуката треба да се случи веднаш, меѓутоа најверојатно сервисот ќе има уште некоја недела со можностите за жалба.

Блокирањето на сервисот би траело до прифаќањето на компанијата да соработува со FSB и да овозможи дешифрирање на бараните пораки.

Сопственикот на Telegram Павел Дуров преку неговиот канал на сервисот истакна:

Моќта која локалните влади ја имаат врз ИТ корпорациите е базирана на пари. Во секој даден момент, владите може да ги срушат нивните акции преку закана дека ќе го блокираат изворот на приходи од нивните пазари и со тоа да ги натера компаниите да прават чудни работи.

Во Telegram ние го имаме луксузот да не се грижиме за изворите на приходи или продажба на реклами. Приватноста не е за продажба и човековите права не треба да бидат нарушени од страв или лакомост.

 

Популарноста на апликации како Telegram порасна драстично по откритијата од Едвард Сноуден, но и слични случаеви, до кој степен властите во светот, а посебно тие на светските сили како на пример NSA во САД, се заинтересирани за нарушување на приватноста на корисниците. Сето тоа се прави под изговорот дека е за борба против тероризам, меѓутоа не ретко имаме видено случаеви кога тоа се злоупотребува.

Овој вид на апликации ги шифрираат разговорите од едниот до другиот уред, а најпознатите вакви апликации наводно нивните програмери не се во можност и да сакаат да ги дешифрираат.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2TASS
Претходна статијаГолем број Android телефони ги кријат пропуштените сигурносни надградби
Следна статијаСведочењето на Закерберг пред Конгрес – ризница на мемиња
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.