Spotify имаат најдено начин како да не ги плаќаат високите провизии кои ги имаат Google и Apple, па по целосното тргање на можноста да се плати претплата преку апликацијата на iPhone, тие доста добро имаат поминато и на Android.
Според информациите кои излегоа од сведочењата во спорот помеѓу Epic и Google, се дознава дека Spotify имаат направено договор со Google врз основа на кој тие се скоро ослободени од плаќање на провизиите.
Конкретно, наместо да плаќаат 15% кога наплатата се прави преку Play Store, односно 11% кога се прави преку сопствен систем, Spotify плаќаат само 4% преку Play Store, а не плаќаат ништо преку нивниот систем.
Ова прави доста голема разлика за трошоците кои ги имаат, па сигурно повеќето би сакале да го имаат истиот договор со Google.
Причината што го оваа компанија го има е зошто апликациите како Spotify имаат големо влијание на популарноста и продажбата на Android смартфони, според сведочењето на Дон Харисон од Google.
Изгледа има уште по некоја компанија која се смета за важна за „угледот“ на Android која добива посебен однос, но од компанијата не истакнаа некоја таква. Се верува дека Google им имаат понудено на Netflix провизија од 10%, но од компанијата ја немаат прифатено, па како што е познато претплатата на овој сервис може да се направи само преку веб.
Во изјава за The Verge од Google истакнуваат: „Мал број на програмери кои инвестираат подиректно во Android и Play може да имаат различни надоместоци за услуги како дел од поширокото партнерство кое вклучува значителни финансиски инвестиции и интеграции на производи во различни форми“, вели портпаролот Ден Џексон. „Овие клучни инвестициски партнерства ни овозможуваат да донесеме повеќе корисници на Android и Play преку континуирано подобрување на искуството за сите корисници и создавање нови можности за сите програмери“.
Интересно е што Spotify беа едни од најголемите противници на провизиите кои ги наплаќаат Google и Apple, па беа и дел од групата која стои зад Epic во нивната тужба. Сепак, од компанијата ете успеале да најдат подобро решение за себе.