Пред неколку месеци Mozilla го претстави својот нов сервис наменет за заштита на приватноста на корисниците, тогаш наречен Firefox Private Relay. Овој сервис тогаш им беше достапен само на ограничен број на корисници, како што е стандардно да се прави од страна на компаниите, прво да ги тестираат новите сервиси.

Сега овој сервис од Mozilla им е достапен на сите корисници во светот, а има и ново име, односно наречен е пократко, Firefox Relay.

За да се користи Firefox Relay, корисникот се што треба е да има Firefox сметка, а доколку нема, истата може бесплатно да ја направи. Потоа, преку едноставен кориснички интерфејс, како и додаток за Firefox прелистувачот, може да се започне со креирање на имејл адреси.

Firefox Relay во основа е сервис кој овозможува креирање на случајно избрана имејл адреса која корисникот ќе ја користи при регистрација на одредени сервиси, при оставање на коментари на веб страни и слично.

Сите пораки кои потоа се испратени до таа адреса, се препраќаат до имејал адресата на корисникот, односно до адресата со која се има регистрирано за Firefox сметката.

Замислата е да за заштити приватноста на корисниците со користење на ваква имејл адреса, наместо таа на корисникот. На тој начин корисниците лесно ќе можат да престанат да добиваат разни пораки кои може да се дел од тоа што нивната адреса е продадена за спам при регистрација на некој не толку познат сервис и слично.

Исто така, ваквите сервиси треба да ја зголемат безбедноста на корисниците од хакерски напади, повторно поради тоа што не ја користат нивната вистинска адреса.

Firefox Relay креира адреса со случајно избрани бројки и букви, по кои следи @relay.firefox.com. Корисниците можат да креираат до 5 адреси, а истите покрај на главната страна на сервисот, можат да ги креираат и преку додатокот за Firefox.

Менаџирањето на адресите е едноставно, односно корисниците можат да ги избришат направените адреси една по една, со тоа да ослободат простор за нови, како и да престанат да добиваат одредени пораки преку некоја од адресите.

Ова како можност не е нешто ново, но сепак го зголемува портфолиото на Mozilla со сервиси кои се насочени кон подобрување на приватноста на корисниците.

Сепак, една маана е дел од сервисот, поради тоа што се користи @relay.firefox.com, а тоа е можноста за блокирање на домејнот во иднина од одредени сервиси. За споредба, outlook.com нуди креирање на „alias“ адреси кои може да се користи со иста цел, но нема начин да се дознае дека се работи за такви имејл адреси.

Firefox Relay сервисот е достапен преку овој линк.

ИЗВОРgHacks
Претходна статијаTikTok ќе поднесе тужба против плановите да се забрани работата на апликација во САД
Следна статијаWSJ: Марк Закерберг стои зад нападот на TikTok од страна на американските власти
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.