Microsoft ја започнува новата година со претставување на нова претплата, односно нов пакет кај нивниот Microsoft 365 сервис, поранешен Office 365. Новиот пакет е наречен Microsoft 365 Basic и во основа го менува досегашниот пакет кој вклучуваше само простор на OneDrive.

Microsoft 365 Basic доаѓа со цена од само 1,99 долари, односно 19 долари годишно и вклучува 100GB простор на OneDrive, како и пристап до Outlook.com сервисот без реклами. Корисниците исто така ќе имаат пристап и до поддршката за сервисот, како и за Windows 11.

Очекувано, овој пакет ќе има пристап само до бесплатни онлајн верзии од Word, Excel и другите апликации, односно нема да може да ги инсталираат десктоп апликациите како што е случајот со поскапите пакети. Исто така, другите пакети добиваат по 1TB простор на OneDrive.

За подоцна во годината се најавуваат и дополнителни функции, сега достапни на поскапите пакети, како заштита и враќање на датотеките при „ransomware“ напад, испраќање на линкови заштитени со лозинка, Private Vault и слично.

Останатите пакети, односно Microsoft 365 Personal и Microsoft 365 Family остануваат со истите цени, а од компанијата истакнуваат дека тие ги немаат покачено цените изминатите 10 години.

Покрај оваа најава, Microsoft исто така најави дека новата и ребрендирана Microsoft 365 апликација за Windows и мобилните ќе биде пуштена до крајот на месецот. Оваа апликација е ребрендирана Office апликација која покрај новиот бренд, со тек на време ќе добие и нови функции. Со ова може да се каже дека Office брендот полека заминува во историјата.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаApple можно е да го промени ставот за додавање екран на допир кај нивните MacBook компјутери
Следна статијаНовите софтверски ажурирања за сериите Galaxy Buds2 Pro и Galaxy Watch го подобруваат искуството на Galaxy камерата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.