LastPass е еден од најпознатите сервиси кој овозможува едно централизирано место за чување на сите ваши лозинки, како и креирање на нови и сложени со цел подобра безбедност.

Ние целосно препорачуваме користење на вакви сервиси, најмногу поради фактот што во денешно време сите ние имаме многу повеќе лозинки за паметење од порано, а исто така онлајн ризикот е значително зголемен.

Ваквите сервиси овозможуваат сигурно чување на сложени лозинки за сите ваши онлајн сметки, а вие се што треба е да запаметите една лозинка, односно лозинката за отклучување на LastPass или некој од сличните сервиси.

Досега, голема пречка за голем дел од корисниците да го користат LastPass беше потребата од плаќање на Premium пакетот од сервисот за да можат да го користат на повеќе уреди. Во денешно време кога сите имаме мобилни телефони, таблет компјутери и слично, потребата од „носење“ на лозинките со нас е клучна и без неа ваквите сервиси би биле скоро бескорисни.

Од оваа недела, можноста за синхронизација со повеќе уреди е додадена и во бесплатната верзија од LastPass. Со оглед на фактот што оваа можност е можеби најважна и основна, повеќето корисници веќе немаат оправдание зошто не би го користеле овој сервис.

Во Premium пакетот остануваат други поволности, како што е споделување на папки со лозинки со вашето семејство, на пример, меѓутоа синхронизацијата со сите ваши уреди е она што е најмногу потребно за активно користење на сервисот.

LastPass е достапен преку веб, како екстензии за интернет прелистувачите во кои автоматски ги пополнуваат полињата за најавување, како и на мобилните уреди. Вашата сметка, доколку ја немате, како и симнувањето на апликациите, можете да го направите преку главната страна на LastPass, на следниот линк.

Извор: LastPass

Претходна статијаMacedonia 2025 Summit: Како Скопје може да го реши проблемот со сообраќајот и мобилноста?
Следна статијаIBM: Mac OS компјутерите се поевтини за одржување од Windows
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.