Dropbox веќе неколку години покажува дека не остануваат компанија која само нуди онлајн простор за датотеки и толку. Тие веќе влегоа во делот на тимска соработка со претставувањето на сопствен, еден вид на текст едитор, со што покажаа дека сакаат корисниците преку оваа платформа да ги извршуваат своите задачи, односно работа.

„The new Dropbox“, односно Новиот Dropbox е резултатот на сето тоа што го гледавме изминатите години како обид на компанијата да навлезе посериозно во работното место, иако новините секогаш се добредојдени и за индивидуалните корисници.

Новиот Dropbox доаѓа со нова десктоп апликација за Windows и macOS, а преку неа се гледаат сите новини кои доаѓаат со овој сервис.

Dropbox сега треба да се гледа како едно централно место од каде тимовите ќе ги извршуваат своите задачи, односно нивното договарање, комуникација, а се разбира и документите поврзани со истото.

Dropbox не престанува да биде „cloud“ сервис кој нуди простор за датотеки, меѓутоа се проширува да биде многу повеќе од тоа.

Секоја работа со папките ќе биде прикажана во нова листа со новости, од каде ќе може да се следат направени промени, а тоа посебно е корисно кога се работи со тим. Корисниците ќе можат да оставаат коментари за завршената работа, а ќе можат и директно да креираат Office и Google Docs документи.

Комуникацијата ќе може да се прави преку новата интеграција со познатиот Slack, а корисниците на Dropbox ќе можат да разговараат со својот тим директно од Dropbox. Исто така, ти ќе можат да испраќаат и додаваат датотеки директно во каналите на Slack.

За видео разговори воведена е интеграција со Zoom, а корисниците исто така ќе можат да ги прават своите разговори директно од Dropbox.

Овој сервис исто така добива можности за креирање на „to-do“ листи, на кои може да се додадат и датотеки и папки, па директно преку Dropbox да се организира работата на компанијата.

Да заклучиме, Dropbox направи одлично обединување на неколку познати онлајн сервиси кои се користат од страна на тимовите, кои сега можат да ги користат преку еден прозорец, кратко кажано. Заедно со новите додатоци директно во Dropbox, како и новиот кориснички интерфејс со новите десктоп апликации, Dropbox може да стане едно централно место за организација на тимовите.

Овој вид на сервиси се популарни, па слободно може да се каже дека Dropbox е добредојдена конкуренција.

ИЗВОРDropbox
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаТелеком МК апликацијата подобренa и со нови функционалности
Следна статијаFirefox доби ново лого кое го претставува времето на повеќе сервиси, покрај прелистувачот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.