По Netflix минатата година и Disney+ се приклучи на промената на политиката за користење на една сметка од страна на повеќе корисници. Иако овие сервиси овозможуваат користење на неколку профили, тие профили сега сакаат да бидат наменети за членови на едно домаќинство, а не да се користат од страна на пријателите за да плаќаат помалку.
Логиката е едноставна. Корисниците сакаат да платат помалку, па затоа делат една претплата, а од компаниите сакаат сите овие корисници да плаќаат за посебна сметка.
Забраната за користење на истата сметка од страна на корисници кои не се дел од истото домаќинство започна како тест во Канада минатата година, а ќе се прошири во повеќе земји од ова лето.
Информацијата за тоа доаѓа од директорот за финансии на Disney кој плановите ги најави при презентацијата на финансиските резултати на компанијата.
Исто како што е случајот со Netflix, од Disney планираат да овозможат доплата за користење на сервисот од „надворешни“ членови, но сепак крајната цел е да се направат нови посебни сметки. Цената на дополнителните корисници засега не е најавена.
Дали оваа најава значи дека правилата ќе почнат да важат и за Македонија, засега не е јасно, но не гледам причина зошто тоа не би било така. Единствено што може да се очекува е постепено проширување на листата не земји, па наместо во летото, промената кај нас да дојде до крајот на годината или почетокот на идната.