Еден од најдобрите сервиси за чување на лозинки и други важни податоци, Bitwarden, кој ние секогаш го препорачуваме, воведе можност за најавување без потреба од внесување на главната лозинка.

Оваа новина се однесува за најавување на веб верзијата од сервисот, а истата е и единствената која нема брз начин на најава. Апликациите од сервисот, на мобилните и на десктоп, имаат можност за отклучување со користење на пин или биометриски податоци, па по првата најава со главната лозинка, наредните се прават многу лесно и брзо.

Можноста за најава без внесување на лозинката на веб е нешто поразлична од таа на мобилните. На мобилните апликации од Bitwarden корисниците сепак првиот пат мораат да ја внесат лозинката, додека на веб се трга целосно потребата од нејзино внесување.

Најавувањето се прави преку добивање на известување на мобилната апликација, по чие одобрување најавувањето на веб се завршува. Ова веќе треба да ви е познато доколку го имате вклучено на вашата Microsoft сметка, на пример.

За да може да се користи овој начин на најава, потребно е да се вклучи преку мобилната апликација во Settings > Approve login requests во Security делот.

Од Bitwareden додаваат дека целиот процес е најбрз доколку на мобилната апликација е вклучено заклучување на апликацијата, наместо нејзина одјава, а отклучување се прави со пин или биометриски податоци, како што истакнавме погоре.

За да бидете сигурни дека овој начин на најава е безбеден, од компанијата истакнуваат дека комуникацијата е шифрирана од крај-до-крај, како што е случајот и со лозинките. Исто така, при најава се покажува „fingerprint phrase“, односно шифра која може да се спореди со истата на мобилниот.

Како дополнителна заштита, иако другите не го прават тоа зошто е непотребно, доколку имате вклучено дво-факторска автентикација, кодот сепак ќе мора да се внесе, иако најавувањето се прави преку одобрување на известувањето преку Bitwarden апликацијата.

ИЗВОРgHacks
Претходна статијаSwiftKey на iOS ја доби првата надградба по враќањето на апликацијата во App Store
Следна статијаGoogle додаде можност за пребарување на отворените „табови“, омилените страни и историјата на сурфање директно преку лентата за адреси во Chrome
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.