На настан којшто Apple го одржа вчера, претставија интересен и неочекуван можеби нов производ, којшто е еден вид на продолжување на успехот од Apple Pay.

Apple Card е новиот производ од Apple и како што звучи од самото име, се работи за кредитна картичка со брендот од Apple. Картичката е издадена во соработка со MasterCard и Goldman Sachs банката, но условите и начинот на функционирање на картичката се целосно одредени од Apple.

„Apple Card го надоградува огромниот успех на Apple Pay и испорачува ново искуство возможно само преку моќта на iPhone. Apple Card е дизајнирана да им помогне на клиентите да водат поздрав финансиски живот, кој почнува со подоброто разбирање на нивното трошење со цел донесување на попаметни одлуки со нивните пари, транспарентност која ќе им помогне да разберат колку ќе ги чини доколку сакаат да платат во подолг временски рок и начини кои ќе им помогнат да го платат нивниот долг.“ – истакна Џенифер Бејли, потпретседател на Apple Pay.

Инаку, Apple Card едноставно се активира преку Apple Pay апликацијата по што веднаш може да се користи секаде каде што работи Apple Pay, како и преку интернет.

Преку апликацијата корисниците можат да ја гледаат состојбата на својата сметка, но уште поважно, детален преглед на сите трошоци кои со помош на вештачка интелигенција се поделени според вид, а може да се гледа посебно и секоја продавница каде е трошено.

Apple истакнува дека за картичката не наплаќа месечни трошоци, не наплаќа трошоци за трансакции, како и трошоци за надминување на лимитот и доцнење со плаќање. Единствено што се менува при доцнење со исплата е каматната стапка, а Apple Card ќе ги потсети корисниците да плаќаат поголеми суми во текот на месецот, со цел да им се намали стапката.

Apple Card исто така доаѓа и со Cash Back програма која им враќа на корисниците 2% од дневните трошења, достапни веднаш во Apple Cash апликацијата за трошење каде корисниците сакаат. Враќањето на пари е 3% за направен промет во Apple, а 1% преку физичката верзија на картичката.

Apple Card може да се земе и во физичка форма, а и во тој случај е различна од другите. Титаниумската картичка го содржи само името на корисникот, а сите други информации може да се најдат во Apple Card апликацијата, што се истакнува како дополнителна безбедноста предност.

ИЗВОРApple
Претходна статија(Видео) Прв поглед на Microsoft Edge направен на основа на Chromium
Следна статијаApple TV+ доаѓа од оваа есен со оригинална содржина и најава за сериозна конкуренција на Netflix и другите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.