20160102_stp501

Експоненцијалниот развиток на технологијата донесе до пронајдоци и технички решенија кои беа незамисливи само неколку декади претходно.

Кој би помислил во 1990 година (освен писатели на научна фантастика) дека за само 25 години секој човек ќе може да си купи телефон и да бесплатно зборува преку апликација со некој во Јапонија, дека ќе може да лета со авион „на кафе во Лондон“ за 50 евра, или пак дека секој човек за смешни пари ќе може да си купи беспилотно летало кое со далечинско го управува на стотици метри од него, гледајќи каде лета преку камера.

Токму заради тоа регулаторните агенции и обичните граѓани стануваат сè позагрижени за еден интересен тренд – рапидното зголемување на бројот на некомерцијални и комерцијални беспилотни летала кои зујат на сите страни.

Тоа што е забавно, шик и кул во првите неколку дена набргу станува досадно, па дури и навлегувачко и пореметувачко потоа. Луѓето сè повеќе стануваат нервозни кога ќе го чујат зуењето на леталата кои им се доближуваат и ги снимаат, без да знаат кој ги снима и зошто. Така, еден човек во САД има разнесено беспилотно летало со сачмарка зошто сакал да ги спаси ќерките од шпионирање. За жал, кривична постапка била само против него, а не и против сопственикот на леталото.

Дополнително, беспилотни летала почнуваат да се појавуваат околу аеродроми, диви пожари и слични ситуации и им сметаат на легитимните операции. Пилотите сега веќе сè почесто пријавуваат блиски контакти со летала кои за среќа сеуште се безбедни, а пожарникарите научија да прскаат со цревата кон нив за да ги тргнат од небото како би авионите за гаснење можат да летаат без страв.

Можеме да си замислиме каква катастрофа ќе настане ако некое беспилотно летало влезе во моторот на авион при полетување или слетување. Веќе големи проблеми има со разни птици кои исто така прават проблеми за моторите.

Од друга страна, беспилотни летала почнуваат да се користат за комерцијални цели и ветуваат револуција во начинот на пренесување на стока. Amazon е еден од тие кои го започнаа тестирањето на автоматизирана достава на пратки преку летала, а Google заедно со Chipotle започнаа да тестираат носење на бурита низ Virginia Tech.

Останува да видиме накаде ќе се развива оваа индустрија и дали кога ќе се произведат доволно летала ќе застане со застрашувачкиот раст, но тоа што можеме сигурно да го очекуваме е дека звучното загадување и зуење низ воздухот само ќе се зголемува во следните години, а со тоа и државната регулатива која ќе го опфаќа нивното користење.

Дополнителни информации: AP News Archive, Washington Post, Economist

Претходна статијаVamp Stereo ќе ги претвори вашите стари стерео звучници во Bluetooth преносни звучници
Следна статијаПрвиот џентлaмен мото настан со хуманитарен карактер во Скопје на 25ти септември