L16-FOREST-FLARE

Главната предност на големите DSLR камери во однос на помалите апарати и паметните телефони е големината на сензорот – поголем сензор = поголеми пиксели = помалку шум = подлабоки бои. Стартапот Light сепак има друго решение за постигнувањето супер квалитетна фотографија – шеснаесет мали сензори и леќи, во тенко, мало пакување.

Идејата е да се постигне квалитет на фотографијата на професионалните апарати, но во многу помало куќиште. Ваквиот систем би можел во иднина да се вградува и во паметните телефони поради неговата компактност. Но, како работи овој ултимативен мини апарат?

Кога ќе сликнете со Light L16, апаратот слика одеднаш со 10 сензори кои ги избира специјален алгоритам  и потоа се избираат пет фотографии со кои се обработува сликата, за да се добие поквалитетен финален резултат. После фотографирањето, корисникот може да избере и каде да биде фокусот на фотографијата, бидејќи сликите од сите сензори се остри и во фокус, а специјалните алгоритми користат “Gaussian Blur” со кој ги „замачкуваат“ другите делови за да изгледаат дека се надвор од фокус.

L16-BACK-UI

Леќите имаат фокална должина од 35 mm и 75 mm (по пет) и 150 mm (шест леќи) и сите имаат f2.4 бленда. Вкупно, со комбинирање на фокалните должини од сите леќи, камерата има зум од 35 до 150 mm (4,3 пати). Ова ја прави погодна за многу различни ситуации на фотографирање, за разлика од паметните телефони.

Сензорите кои се наоѓаат во леќите се на Samsung, истите оние кои се вградуваа во Galaxy S4 со 13 мегапиксели. Сепак, во овој апарат, со спојување на сликите од сите сензори, може да се добие слика со максимум 50 мегапиксели, зависно од зумот, што е навистина одлично постигнување.

Камерата е опремена со 5 инчен екран позади, има вградено Wi-Fi и простор од 128 GB, кој за жал не може да се прошири со micro SD картичка. Батеријата е доволна за 400 слики, а може да се полни преку USB Type-C приклучокот. Light L16 може да фотографира и во DNG формат, односно дигитален негатив, кој потоа е многу подобар за обработка во програмите како Photoshop.

Сепак, како нова технологија, Light L16 чини повеќе дури и од еквивалентните професионални апарати и тоа 1300 долари доколку порачате сега, односно 1700 долари доколку почекате производот да биде финален.

Извор: CNET, Engadget

Претходна статијаHP Envy Curved е заоблен 34 инчен „Се во Едно“ компјутер со Windows 10
Следна статијаHonda Power Exporter 9000