Паметните часовници и нивните помали фитнес ориентирани верзии стануваат се попопуларни, а се повеќе производители претставуваат свои модели. Huawei со својот TalkBand B1 влегува на овој растечки пазар, меѓутоа се разликува од другите вакви производи со неколку уникатни карактеристики. Овој уред е претставен на MWC 2014 настанот кој што се одржува во Барселона.
Главната карактеристика на Huawei TalkBand B1 е тоа што неговиот екран има вградено слушалка и истиот се вади од ременот и се претвора во Bluetooth слушалка која што е наменета за користење при телефонски повици, односно како и секоја друга таква слушалка. Со батеријата која што има капацитет од 93 mAh уредот овозможува до 7 часа разговор и повеќе од една недела во standby режим на работа, односно зависно од работата со него. Според официјалната страна на Huawei доколку е исклучен Bluetooth чипот часовникот може да работи и до 30 дена.
Друга интересна карактеристика е вградениот USB приклучок во ременот кој што се вклучува во истата порта на компјутер и уредот се полни без потреба од дополнителни кабли. За полнење на батеријата се потреби 2 часа.
Од функции TalkBand B1 доаѓа со можност за прикажување на чекорите, односно функцијата на педометар, како и прикажување на потрошените калории. Исто така на овој часовник има и можност за следење на вашето спиење и функција на паметен аларм кој што ве буди во одредена фаза од спиењето. Покрај овие можности B1 ги прикажува броевите кога добивате повик на вашиот мобилен, што е очекувано со оглед на тоа што се користи и за разговори. Екранот работи на допир, па сите прилагодувања се прават преку достапната апликација за Android и iOS мобилните телефони, на која што можете да ги следите и вашите фитнес активности и квалитетот на спиење.
TalkBand B1 доаѓа со 1,4 инчен црно-бел OLED екран и со едно копче преку кое што уредот се пали и гаси, се одговара на повици и се вклучува спортскиот режим на работа. Исто така уредот е отпорен на вода и прашина.