Apple годинава лансираше нови безжични слушалки наречени AirPods, кои освен супер лесниот начин на поврзување со iPhone или iPad, односно само со отворање на футролата, реално немаат други квалитети кои ги прават конкурентни на останатите безжични слушалки на пазарот со иста цена.

Ова секако не пречи во продажбата – многу корисници на iPhone 7 и 7 Plus се прилично убедени во нивните квалитети и затоа Apple спрема нова верзија, која ќе има неколку напредни карактеристики.

Имено, доколку може да се верува на патент поднесен од страна на Apple, новите слушалки ќе имаат специјален микрофон кој ќе пропушта звуци од околината, со цел корисникот полесно да може да комуницира, односно да биде свесен што се случува околу него. На овој начин Apple планира да го анулира чувството на „ехо комора“ во увото на корисникот. Ова се случува секогаш кога носите слушалки – звукот од околината резонира преку коската на черепот и се заробува во каналот на увото, правејќи неприроден звук и притисок.

Со новиот систем со микрофон, Apple AirPods 2 делумно би ги пропуштале звуците од околината, но и специјален вентил би го испуштал заробениот звук од вибрирањето на коската на черепот со цел да се намали чувството на носење на слушалки и притисок во ушите.

Според патентот на Apple, благодарение на овој систем, корисникот ќе се чувствува како да не носи воопшто слушалки, односно звукот ќе биде повеќе како да доаѓа од надворешни звучници.

Како и поголемиот број на патенти и овој на крај би можел да заврши само на хартија, односно нема гаранција дека би се вградил во некоја идна генерација на Apple AirPods. Сепак, овој патент е прилично возможен, особено што Apple веќе има слушалки во понудата, на кои и реално им треба надградба за подобро да се носат со сѐ посериозната конкуренција.

Извор: TechRadar, Apple Insider, Value Walk

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.