Ако сте дел од релативно големиот број на корисници на Windows 7, има шанса да не можете да направите надградба на понова верзија на оперативниот систем, односно да инсталирате нови закрпи кои се особено важни за безбедноста и приватноста на корисниците.

Проблемот не се јавува кај сите корисници, но според информациите бројот е доволно голем за да се сподели оваа информација. Имено, оние кои го имаат проблемот, кога ќе пробаат да направат “Update”, добиваат порака “Unknown error has been encountered”, нешто што сме научени прилично често да го гледаме во Windows.

Кодот на грешката е 80248015 и истиот реално нема да ви биде од особено голема помош, но доколку бидете трпеливи и прочитате која е грешката низ форумите, ќе видите дека се работи за истечена системска датотека во Windows, поточно во AuthCabs директориумот.

Решението за проблемот е многу лесно – датотеката работи само до 3 Декември, што значи дека треба да ја вратите датата на вашиот систем токму на тој ден, да направите надградба и потоа ќе можете да го вратите системот на сегашната дата. Со новите надградби кои ќе ги направите проблемот ќе се реши и во иднина нема да мора да го враќате системот „во минатото“ за да може да го надградите.

Исто така, според некои членови на форумите, проблемот веќе го нема, односно со проверување за надградба не се јавува “error”, што значи дека Microsoft веројатно го има решено. Microsoft сепак не се изјасни официјално за овој проблем со Windows 7 и со оглед на тоа што тој веќе е решен кај поголемиот број на компјутери, не очекувам ни да го направат тоа.

Извор: TechRadar, WCCFTech, The Inquirer

Претходна статијаGalaxy S9 сепак нема да се појави на CES во јануари
Следна статијаApple е во преговори за купување на познатата Shazam?