Одличниот и секогаш расположен Панос Панај, кој е лицето на Windows и Surface уредите изминатите неколку години, најави поголема надградба на Windows 11 која ќе им стане достапна на корисниците овие денови. Дел од новините се најавени и ќе им бидат достапни на корисниците во Insider програмата, но главните новини доаѓаат сега за сите.

Најавата на оваа надградба покажува дека нема правила со претставувањето на нови функции кај Windows 11, кои прво требаше да бидат еднаш годишно за поголемите, како и повеќе пати во годината за помалите новини. Како и да е, ова е одлично за корисниците кои почесто добиваат нешто ново кое треба да ја подобри работата со нивниот компјутер.

Главната новина со оваа надградба е поврзана со функцијата за пребарување во Windows 11. Истата ја добива интеграцијата со вештачка интелигенција, односно новиот Bing сега е достапен и директно преку Windows 11.

Функциите кои се достапни преку новиот Bing сега може да се користат преку Search во Windows 11, а корисниците со оваа промена добиваат и нов начин за пристап до пребарувањата, поле за текст на долната лента, на местото на досегашното копче.

Уште една поголема новина која е дел од денешната најава е конечното пуштање на поддршка на Phone Link апликацијата за поврзување со iPhone. Ова значи дека корисниците кои имаат iPhone и Windows 11 компјутер, сега ќе може да ги поврзат и да ги гледаат известувањата од нивниот телефон. Со ова доаѓа и пораката да се одговори на пораките од Messages, а на некој начин тоа значи и дека ќе може да се користи iMessages сервисот преку Windows.

Оваа апликација добива дополнително подобрување на Android, а овие подобрување како и обично доаѓаат кај најкористениот бренд, односно кај телефоните од Samsung, Новините можевме да ги видиме при презентацијата на Galaxy S23 серијата, како и Galaxy Book3 уредите, а тие вклучуваат функции како полесно поврзување на интернет мрежата од телефонот, продолжување со сурфање помеѓу двата уреди, пренос на датотеки и повеќе.

Уште една доста корисна новина која доаѓа со оваа надградба е можноста за снимање на екранот со Snipping Tool апликацијата, а доаѓањето на оваа новина го видовме пред еден месец.  

Останатите новини кои доаѓаат со оваа надградба вклучуваат подобрување на интеграцијата со Microsoft Teams, редизајнирана Quick Assist апликација, проширување на големината на widgets делот на целиот екран, како и повеќе нови виџети сега од трети страни, подобрување кај уредите со екрани на допир и повеќе.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаПретплатата на Microsoft со пристап до стотици PC игри достапна во Македонија
Следна статија„Наша гордост. Наша одговорност“ – Скопско со нова акција за чисто Охридско езеро
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.