За некои непотребна функција, но за други еден од најголемите недостатоци на Windows одамна, е можноста лесно да се сними екранот. Корисниците обично мора да бараат апликација за оваа намента, а Xbox Game Bar апликацијата која ја има оваа можност, не може да се користи за снимање на било што, туку само одредени апликации.
Ова е нешто што macOS одамна го има и со едно притискање на кратенка на тастатурата, веднаш може да се започне со снимање на екранот.
Минатиот месец Microsoft започна со тестирање на оваа можност во Windows 11, а очекувано како дел од веќе достапната и одлична Snipping Tool апликација која се користи за „сликање“ на екранот.
Оваа нова можност на Snipping Tool сега им е достапна на корисниците на најновата beta верзија од Windows 11, што значи дека наскоро може да се очекува да им биде пуштена на сите корисници.

Снимањето на екранот се прави едноставно, со избор дали да се снима целиот екран или само дел кој ќе го избере корисникот. За време на снимањето може да се направи пауза, а по завршувањето се добива преглед на снименото пред истото да се зачува и сподели.
Snipping Tool, без разлика дали за сликање или сега и за снимање, е одлична алатка кога се сака да се прикаже нешто што се објаснува, најчесто и во обични приватни разговори. Windows 11 станува доста покорисен со оваа новина.