Microsoft обично ја пушта надградбата на Windows 11 во Release Preview каналот кога истата е подготвена за сите корисници, на неколку недели пред истата официјално да им ја пушти на корисниците кои не се во Windows Insider програмата.
Овој канал се смета за „безбеден“ и за обичните корисници поради тоа што верзијата од Windows е истата која ќе им биде пуштена на сите или може да добие само мали измени.
Оваа година од компанијата доста порано ја имаат подготвено оваа верзија, па корисниците кои не сакаат да чекаат до есен можат уште сега да ја инсталираат Windows 11 24H2 надградбата.
Оваа надградба е главната за оваа година, а како што е познато, покрај помалите надградби кои ги добива Windows 11 на неколку месеци, системот им една главна во есен.
Едни од главните новини кои ги донесува оваа верзија од Windows 11 се Copilot+ функциите кои беа најавени оваа недела. Тие сепак нема да им бидат достапни на сите корисници, односно ќе им бидат достапни само на тие кои ќе ги купат некои од новите Copilot+ компјутери.
Останатите новини ќе им бидат достапни на сите корисници и тие вклучуваат работи како поддршка за HDR позадини, односно можност за користење на JXR слики, нов начин на функционирање на Energy Saver функцијата, SUDO командата во Windows, вградена поддршка за 7-Zip и Tar датотеки во File Exlorer, подобрувања кај Bluetooth LE.
Copilot со оваа верзија станува посебна апликација, исто како што беше најавено кај Copilot+ компјутерите, што значи дека корисниците ќе можат да го користат овој „асистент“ послободно од досегашното „наметнување“ како лента од десната страна.
За инсталација на Windows 11 24H2 потребно е да се вклучи Windows Insider програмата преку Windows Update, по што да се провери за нови верзии.