Windows 11 23H2, односно официјално наречена Windows 11 2023 Update, на корисниците им стана достапна на почетокот од ноември минатата година. Како што е практиката изминатите години, а поради намалување на ситуациите со „расипани“ надградби, Microsoft постепено ја пушта новата верзија за корисниците.
Ова значи дека истата им се пушта на одреден број од корисниците, како и за корисниците кои почесто прават надградби и ја имаат избрано опцијата за добивање на надградбите пред другите. За останатите, процесот продолжува се до генералната достапност на надградбата.
Во случајот со Windows 11 23H2 тоа е случајот дури сега, односно почнувајќи од 17 јули оваа година. Од оваа недела најновата верзија од Windows 11 им е достапна на сите корисници, односно тие со компатибилни уреди, па се што треба да направат е да проверат за надградби во Windows Update.
Оваа верзија од Windows 11 е позната по донесувањето на Copilot во Windows 11 за првпат минатата година која беше и годината кога започна целиот тренд со генеративната вештачка интелигенција.
Дел од останатите новини кои ги донесува оваа надградба вклучуваат такви како нов File Explorer, поддршка за контрола на уреди со RGB осветлување, нов Outlook, нови верзии од Snipping Tool и Photos, поддршка за „rar“ датотеки и повеќе.
Со оглед на тоа што на претходната, односно 22H2 верзија поддршката и истекува овој октомври, може да се очекува Microsoft да почне и со автоматска надградба на уредите на 23H2.
Оваа есен ќе стане достапна 24H2 верзијата, па очигледно е дека Microsoft некако чудно го тераат процесот на надградба на нивниот Windows 11.