Исто како што беше случајот со десктоп верзијата од Windows 10, така и со мобилната, Microsoft им овозможува на корисниците да инсталираат тест верзии од оперативниот систем и да и помогнат на компанијата во неговиот развој.
За разлика од десктоп верзијата која што стана официјално достапна за сите корисници од 29-ти јули, мобилната верзија продолжи да се развива и треба да биде достапна во декември. Тоа им остава на Microsoft уште повеќе од месец дена да го довршат развојот на мобилната верзија.
Слободно може да се каже дека до вчера можеше да се постави прашањето дали од компанијата ќе успеат да го завршат развојот на системот до наведениот месец. Иако секоја наредна тест верзија, односно како што се нарекувани build-ови, стануваа се подобри, беа далеку од потребната стабилност и како што се кажува, исполираност која што би се очекувала од производ кој што е при крај со развојот.
Од вчера е достапен build 10572 за корисниците на Windows Insider програмата кој што за да се инсталира потребно е прво враќање на Windows Phone 8.1, па инсталирање на Windows Insider апликацијата и избор за влегување во Fast Ring на надградби. Се работи за баг од минатиот build кој што е среден во 10575 верзијата, кој што најверојатно ќе биде достапен од идната недела, па доколку не ви се прави целата процедура, би препорачале да почекате.
Windows 10 Mobile Insider Preview 10.0.10752.0 верзијата е значително подобра од сите досегашни. Тоа значи дека сепак почнува да се гледа крајот на развојот на финалната верзија, па би можеле слободно да препорачаме да се користи и на главниот телефон.
Она што веднаш се забележува кај оваа верзија е побрзата работа на се во системот. Побрзо се стартуваат апликациите, скоро и да ги нема ситуациите во кои што се чека (loading) дури и главниот екран и слично.
Можеби и најважно, потрошувачката на енергија, односно траењето на батеријата е значително подобрено од оваа верзија, па повторно може да се користи телефонот со полнење еднаш во текот на денот, се разбира со нормално користење. Со ова среден е и проблемот на прегревање кој што беше присутен кај доста уреди.
Една од главните новини во оваа верзија е можноста за добивање на известувања за пропуштени повици и SMS пораки на десктоп преку Cortana на новите Insider верзии од Windows 10. Преку Cortana исто така ќе може да се одговори со порака на пропуштените повици, а ќе може да се испрати и целосно нова порака. Се надеваме дека оваа функција ќе биде издвоена од Cortana, со оглед на тоа што таа е достапна само во мал број на земји, а којзнае кога ќе стане достапна во нашата земја.
Целосната листа на исправени багови, како и работи кои што не функционираат во оваа верзија можете да погледнете на Microsoft блогот.
Други новини кои што ги забележавме, а не се споменати во официјалниот блог, може да се каже дека се поситни, но важни функции.
Така, на пример, додадена е можноста за вибрирање кога страната која што ја повикувате ќе одговори на повикот. Ова е нешто што е одамна достапно на Android, како и на некои уреди кои работата на Windows Phone 8.1, но не беше достапна на Lumia уредите и Windows 10. Оваа функција ќе биде по избор, односно можете да ја вклучувате и исклучувате во Phone Settings.
Новата верзија исто така прикажува колку часови остануваат при поставување на аларм. Ова е мала ситница, меѓутоа покажува дека програмерите ќе работат и на вакви мали, но важни додатоци на системот.
Исто така треба да се истакне дека долгото притискање на апликациите го вклучува менито многу побрзо, а исто така побрзо е и бришењето на истите.
Може да се заклучи дека од оваа верзија на Windows 10 за мобилните се влегува во финишот, како што би рекле, од развојот на оперативниот систем, па веќе нема потреба од сомневање дали ќе биде на време завршен.