Најновата верзија од Windows 10, наречена May 2019 Update и која го носи бројот 1903, донесува доста промени во начинот на функционирање на одредени работи, кои овој пат не се поврзани со функциите кои веднаш се гледаат.
Самиот процес на надградба од една на друга верзија можеби има досега најголеми промени, а веќе можевме да прочитаме дека Microsoft нема да ги „тера“ веќе корисниците веднаш да мораат да ја инсталираат најновата верзија. Тие ќе можат да ја одложат до 35 денови, а тие што сакаат веднаш, ќе имаат посебно копче за истото.
Исто така, најавено беше дека од оваа верзија на Windows 10, со цел намалување на шансите за појава на проблеми, како и недостаток на простор, оперативниот систем ќе резервира 7 GB од дискот, простор којшто по потреба ќе може автоматски да го ослободи.
Покрај ова, Microsoft го зголемува минималниот простор којшто треба да го има еден компјутер за да може да ја инсталира најновата надградба, односно да го инсталира оперативниот систем воопшто.
Минималните барања за 32 битната верзија од системот се зголемуваат од 16 на 32 GB, истиот простор којшто сега ќе биде потребен и за 64 битната верзија, зголемување од 20 GB.
Тоа значи и дека производителите на компјутери ќе мораат да вградуваат најмалку 32 GB простор во своите уреди за да можат да го инсталираат Windows 10.
Иако ова делува како проблем за корисниците кои сакаат да користат уреди со минимален простор, сепак кога ќе се земе во предвид падот на цените на дисковите, како и просторот којшто веќе се користи на мобилните, очекувано е дека на компјутер може да се има простор од 64 GB, барем.