Како што можевме да прочитаме пред неколку денови, Samsung сега и официјално го најави почетокот на надградбата на постарите Galaxy уреди на најновата верзија од нивниот One UI, која беше претставена со Galaxy S23 серијата. One UI 5.1 донесува неколку новини во споредба со One UI 5.0, а и двете верзии се направени на основа на најновата Android верзија, Android 13.

Уредите кај кои започнува надградбата на One UI 5.1 се: Galaxy S22, Galaxy S21 и Galaxy S20 сериите, како и Galaxy Z Fold4 и Galaxy Z Flip4 уредите. Дел од постарите уреди исто така може да ја очекуваат оваа надградба, но не веднаш.

One UI 5.1 не донесува нешто посебно многу новини, не се ни очекува такво нешто од помала надградба, но сепак има неколку кои треба да се истакнат.

Една од новините е поврзана со камера апликацијата и галеријата. Корисниците можат да сликаат во Expert RAW режим, со што можат да ги добијат сликите во професионалниот „raw“ формат. Дополнително, функцијата за подобрување на сликите со помош на вештачка интелигенција дополнително е подобрена и овозможува уште подобра исправка на сликите, како што се на пример затемнетите делови поради позадинско осветлување.

Галеријата со слики сега овозможува полесно пронаоѓање на слики со притискање на лицето на некоја личност, а потоа и полесно креирање на семејни албуми.

One UI 5.1 донесува подобрувања кај функциите кои овозможуваат прилагодување на активноста на корисникот, кои потоа овозможуваат предлози за одредени акции. Тоа значи подобрување кај Routines и Modes функциите кои сега може да вклучат позадини, звуци при повици и слично кога се вклучени, автоматско прилагодување на „виџетот“ за временска прогноза според климата и слично. Исто така, виџетот за паметни предлози сега овозможува дополнителни можности, како предлози за музика на Spotify, како и предлози врз основа на активноста на корисникот и слично.

Корисниците кои го поврзуваат својот смартфон со компјутерот кој го користат, ги добиваат новите функции кои беа најавени со претставувањето на Galaxy S23 серијата и Galaxy Book3 серијата.  

Доколку се’ уште ја немате добиено надградбата, истата може да ја очекувате во наредните неколку недели.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаApple повторно го одложува претставувањето на уред за проширена реалност, ќе го претстави на WWDC во јуни
Следна статијаМаск најавува назначување на нов директор на Twitter до крајот на годината
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.