Мулти-таскинг, односно работа на повеќе апликации во исто време не е нешто ново кај овој тип на уреди. Меѓутоа тоа обично подразбира дека оперативниот систем дозволува повеќе апликации да работат во позадина и со тоа да добиваат информации потребни за нивната работа. За обичниот корисник, мулти-таскингот сепак подразбира и додатна можност, односно апликациите кои што работат во позадина, да може да се користат во исто време.
Според информациите до кои што има дојдено порталот 9to5Mac, кои што важат за релевантен извор, Apple работи на имплементација на ваква функција и истата треба да биде воведена во наредната поголема верзија од нивниот мобилен оперативен систем, односно iOS 8 или можеби нешто покасно со iOS 8.1. Корисниците ќе можат да користат две апликации во исто време, со поделба на екранот на два дела. Овие апликации ќе имаат можност за интеракција помеѓу себе, па така ќе можете да префрлате текст, слики и слични работи од едната во другата апликација.
Функцијата ќе биде овозможена за корисниците на iPad уредите, а не е познато дали истата ќе биде достапна и за помалиот iPad mini.
Ваква функција е барана од страна на корисниците веќе одреден период. Таа е доста корисна за во ситуации кои што бараат да правите две работи во исто време, како што е снимањето на некое предавање на пример и запишување на забелешки во исто време. Функцијата е достапна и доста рекламирана во Windows 8 оперативниот систем од Microsoft. Наречена Snap, корисниците може да постават две или повеќе апликации, зависно од големината на екранот и да ги користат во исто време. Android оперативниот систем иако нема официјална поддршка за ваква функција од страна на Google, сепак некои од производителите ја овозможуваат преку имплементирање на сопствено решение.
Извор: 9to5Mac