Поголемата годишна надградба на Windows 11 беше пуштена во октомври минатата година, а стандардно за овие надградби е што се пуштаат постепено, во главно поради огромниот број на корисници и не толку ретките проблеми кои се појавуаат.
Корисниците кои сакаат побрзо да ги добијат надградбите можат да го направат истото, а останатите имаат одреден период во кој Microsoft нема да „ги тера“ да го ажурираат својот компјутер.
Сега, Windows 11 2024 надградбата, односно Windows 11 24H2 верзијата, ќе мора да биде инсталирана од страна на приватните корисници барем, односно на компјутерите кои не се менаџирани од страна на ИТ администраторите.
Ова може да се види во промената на статусот на системот која започнува од 21 јануари. Во промената стои дека корисниците на Home и Pro верзиите од Windows 11 со верзија 23H2 и 22H2 кои не се менаџирани од ИТ одделите ќе ја добијат надградбата автоматски.
Автоматското ажурирање на Windows 11 може да биде повторно одложено, но во оваа фаза тоа може да биде направено само кратко, односно околу една недела.
Инсталацијата на Windows 11 24H2 не трае баш кратко, па корисниците треба да земат во предвид дека нивниот компјутер може да биде недостапен и повеќе од еден час, секако зависно од конфигурацијата.
Причината за ова е целосната промена на кодот која доаѓа со оваа верзија, а според информациите доста корисници пријавуваат подобрени перформанси поради истото.
Генерално Windows 11 2024 надградбата не донесува некои други поголеми промени, а дел од тие кои се достапни можете да ги видите тука.