Оваа година корисниците нешто подоцна ја добиваат најновата верзија од Android, а ако се земе во предвид дека повеќето Android уреди во светот се од Samsung, надградбата за повеќето корисници ќе биде дури идната година.
Со текот на годините бројот на нови функции и поголеми промени кај Android е намален, а тоа е очекувано. Големите подобрувања кај перформансите сега помалку се забележуваат, а и изгледот на корисничкиот интерфејс е повеќе од добар и не се менува драстично често.
Овој факт, заедно со информацијата дека Google додаваат уште две години поддршка за нивните постари Pixel 6 и Pixel 7 уреди, не доведува до заклучокот дека не треба да се очекуваат поголеми промени и новини кај наредните две верзии од Android.
Голем фактор кај ова е што чистата верзија од Android веќе одреден период доаѓа со помалку функции од тоа што сме научени да го гледаме кај телефоните. Од една страна тоа е поради што повеќето корисници имаат Samsung, а од компанијата прават доста големи додатоци на Android со One UI.
Друг фактор за ова е што Google почнаа повеќето поголеми новини да ги пуштаат ексклузивно за нивните Pixel уреди, па тоа значи дека тие не се дел од основната Android верзија.
Ова секако има логика и не ни треба да се очекува дека бесплатната и отворена верзија од Android ќе ги има сите најнови работи кои ги развива Google, а посебно кога ќе се земе во предвид дека повеќето компании кои ја користат оваа верзија додаваат свои промени.
Заклучокот е дека Android може да се очекува дека ќе претставува само добра основа за развој на додатоците од компаниите, па надградбите ќе бидат повеќе поврзани со перформанси, безбедност, алатки и слично.