Пред само неколку денови дечките од Windows Central најавија дека се спрема доста голема нова верзија од Windows 11 во Dev каналот на Windows Insider програмата. Овој канал не е директно поврзан со некоја наредна верзија од Windows, а според новите правила од компанијата, тоа што се тестира не мора да значи дека некогаш ќе стане дел од официјалните верзии од оперативниот систем.

Од оваа недела на корисниците на Dev каналот им е достапна новата 22557 верзија од Windows 11 и истата доаѓа со прилично долга листа на новости. Повеќето од овие новости сигурно ќе ги видиме со правата поголема надградба од Windows 11, во втората половина од оваа година, а од компанијата најавија дека нови функции може да се очекуваат и повеќе пати во годината.

Првата поголема новина која се тестира е можноста да се направат папки за апликациите кои се прикачени на Старт менито. Ова е една од почесто бараните функции од страна на корисниците, па сега е претставена нејзината прва верзија.

За почеток корисниците нема да може да ја именуваат папката, но тоа ќе биде додадено како можност подоцна. Креирањето на папка се прави како што би очекувале, со поставување на една апликација врз друга. Во папките може да се додадат повеќе апликации, да се менува нивниот редослед, како и да се извадат од папката.

Втора поголема новина во оваа тест верзија од Windows 11 е новиот изглед на Task Manager апликацијата. Главната разлика е во поставеноста на лентите на левата страна до кои се пристапува преку ново „хамбургер“ мени. Исто така изгледот е направен да биде повеќе во рамките на Fluent дизајн правилата, а додадена е и темна тема.

Task Manager добива и една нова функција, а тоа е можноста одредена апликација да биде ставена во „Efficiency“ режим. Овој режим може да се користи за апликации кои трошат доста ресурси, па на овој начин приоритетот на ресурсите се става на другите апликации, а се намалува за конкретната апликација.

Во оваа верзија се враќа можноста да се повлечат датотеки на активните апликации на таскбарот, нешто што е чудно зошто воопшто Microsoft го тргна како можност со Windows 11.

File Explorer апликацијата исто така добива нови функции. Едната е можност да се закачат датотеки во Quick Access делот, нешто што досега беше можно само за папки, а втората е прикажување на искористениот простор во OneDrive, па корисниците ќе имаат подобра претстава уште колку простор имаат во „облакот“.

Snap Layouts функцијата добива уште еден начин да се пристапи до неа. Се работи за новата функција која овозможува неколку позиции при поставување на повеќе прозори на екранот, до која се пристапува со поставување на курсорот брз копчето за зголемување на прозорот. Сега кога ќе се повлече еден прозор, на горниот дел од екранот ќе се појави лента на која се достапни истите можности.

Новата Dev верзија од Windows 11 има уште доста помали новини, а истите можете да ги видите на официјалниот блог од компанијата.

Претходна статијаМашински факултет со грант од Регионалниот фонд за предизвици набавува современа опрема за практична обука на студентите
Следна статијаФИТ ЗОНА за спортските ентузијасти: Забавна и едукативна сабота во Ист Гејт Мол
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.