Повторно читаме за како Microsoft се обидува да промовира некој од своите производи или функции во Windows. Како и секогаш, тоа го прават на нивниот карактеристичен и наметлив начин, па корисниците можат да очекуваат досаден „попап“ кој не може да биде исклучен, односно повторно ќе се појавува од време на време.
Новиот „попап“ е за Windows Backup функцијата која беше претставена во Windows 11 минатата година со поголемата септемвриска надградба која потоа стана официјален дел од Windows 11 23H2 верзијата.
Windows Backup е корисна алатка која ги собира на едно место претходно достапните можности. Корисниците можат да изберат бекап на нивните датотеки, прилагодувања, апликации, како и лозинки и „passkeys“.
Очекувано, покрај промоцијата на Windows Backup, Microsoft го промовира и нивниот OneDrive каде што се прави зачувувањето на податоците. Корисниците препорачано е да плаќаат за OneDrive за да можат да ги зачуваат сите нивните податоци, со оглед на тоа што бесплатниот пакет вклучува само 5GB.
Заклучокот после секој ваков потег од страна на Microsoft е дека сигурно има подобар начин за промоција на корисните функции во Windows, па тие не мора секогаш да им бидат наметнати на корисниците.