По откритието дека новата Recall функција не е направена доволно добро кога е во прашање приватноста на корисниците, односно основна работа како шифрирање на дата базата не е направено, Microsoft ја повлече и ја доработи.
Важноста на функциите поврзани со приватноста доаѓа од фактот што Recall е функција која со вештачка интелигенција прави слика од се што корисникот прави на компјутерот. Замислата е да подоцна корисникот може да побара се што правел, дури и работи на кои не може доволно да се присети, со внесување на прашања слично како кај ChatGPT.
Во октомври беше најавено дека сите потребни промени се направени кај Recall, па сега функцијата доаѓа со шифрирана дата база, за отворање на апликацијата се користи автентикација преку Windows Hello, а исто така функцијата не е автоматски вклучена.
Сепак, при тестирањето на Recall од страна на Tom’s Hardware, може да се види дека функцијата сепак не е целосно средена како што треба. Една од клучните можности, повторно не функционира доволно добро за заштита на приватноста на корисниците.
Recall има нова можност за заштита на чувствителни информации, како што се платежните картички, лозинки и слично. Секогаш кога корисниците внесуваат ваква информација и ја имаат вклучено „Filter sensitive information“ можноста, Recall не треба да зачува слика од таа активност.
Ова иако некогаш е случајот, од Tom’s Hardware откриваат дека многу често информациите сепак се зачувани.
Шифрирањето на дата базата, како и барањето да се внесе пин или отисок од прст, дефинитивно ги намалува шансите некој да дојде до овие информации, но сепак би било многу подобро доколку тие не се ни зачувани.
Од Microsoft во одговор до порталот испраќаат дел од нивната блог објава за направените промени во октомври, па може да се заклучи дека како и за други работи со вештачка интелигенција, потребно е изгледа време за подобрување на функционирањето.
Јас сепак не гледам потреба од една ваква функција, па иако моментално немам Copilot+ компјутер, Recall е достапен само на нив, не би ја користел и да ми е достапна.