Според извори на Windows Central, Microsoft наскоро треба да почне да ги тестира најавените новини кај Windows 11 кои треба да бидат дел од поголемата надградба на системот која треба да биде пуштена во втората половина од годината.

Windows 11 сепак ќе добие една помала надградба овој месец, а корисниците може да очекуваат подобрувања кај таскбарот, временска прогноза на копчето за виџети, како и редизајн кај две вградени апликации.

Од изворите на Windows Central се дознава дека во неделите што следат Microsoft треба да пушти нова Dev верзија од Windows 11 во која ќе бидат вклучени повеќе новини. Иако Dev каналот од Windows Insider не е поврзан со некоја конкретна верзија од системот, сепак се верува дека тоа што се тестира треба да стане дел од официјалните верзии оваа година.

Една од најчесто бараните новини кај Windows 11 е можноста да се организираат апликациите во Старт менито во папки. Папките би се креирале со повлекување на една апликација врз друга, односно како што тоа беше случајот во Windows 10 или кај мобилните.

Според најавите, Windows 11 треба да добие нови ефекти на прозорите според Fluent дизајнот, односно ќе добијат ефект на проѕирност, а ќе се тестираат и нови начини на отворање на Старт менито и центарот за известувања за корисниците со екран на допир.

Функцијата „snap“, односно можноста за подредување на прозорите на страните од екранот, ќе добие уште еден начин за организирање, покрај новиот со Windows 11 до кој се пристапува со поминување на курсорот врз копчето за зголемување на прозорот. Новиот начин треба да биде во форма на лента која ќе се појавува на горниот дел од екранот и ќе им овозможи на корисниците повеќе начини како да ги организираат своите отворени прозори.

Се очекува дека повеќе функции ќе се тестираат во периодот што следи, па ќе може да се добие подобра претстава што се ќе добие Windows 11 оваа година.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаЕксклузивна премиера на серијата „Шетланд“
Следна статијаБил Гејтс верува дека COVID-19 може да биде последната пандемија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.