Истакнувајќи го задоволството од поголемиот број на Windows Insider корисниците за Windows 11, во споредба со Windows 10, Microsoft дополнително ги појасни различните канали во програмата кои со новиот оперативен систем добиваат и мали промени.

Главната промена доаѓа кај Dev каналот од програмата, канал кој и досега беше замислен за тестирање на функции кои не се планирани за пуштање во наредната верзија од Windows, туку во некоја од идните верзии, зависно од развојот.

Сега овој канал ќе стане уште повеќе експериментален, па не само што ќе се тестираат функции кои не се знае во која верзија од Windows 11 ќе бидат пуштени, ќе се тестираат функции кои можеби и никогаш нема да станат дел од официјалните верзии од системот.

Со ова, Dev каналот станува место каде програмерите од Microsoft ќе можат да тестираат разни идеи за Windows 11, па зависно до резултатите да одлучат дали воопшто треба да станат дел од верзиите за сите корисници. Исто така, со ваков начин на тестирање, голем дел од функциите ќе бидат подобрени со делови од откажаните тестови.

Beta каналот останува верзија од Windows 11 во која ќе бидат достапни функции кои треба да бидат пуштени во наредната надградба од системот, односно функции кои не се експериментални и официјално ќе завршат кај сите корисници.

За обичните корисници кои сакаат нешто порано да ги пробаат новите верзии од Windows 11, но не сакаат тоа да го направат пред истите да бидат доволно тестирани, останува Release Preview каналот. Овој канал обично ја пушта најновата надградба од системот неколку недели порано, па сепак за тие кои би сакале да бидат месеци пред другите, најдобар канал останува Beta каналот.

Од компанијата претставија и нова икона за Windows Insider програмата која ја означува заедницата на луѓе кои придонесуваат низ трите различни канали.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаGoogle Chrome има ново лого, но ретко кој ќе ги забележи дискрените промени
Следна статијаMicrosoft тестира стикери на позадините и нов режим за „одржливост“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.