Неколку нови закони во ЕУ веќе донесуваат доста големи промени на пазарот, па покрај тоа што Apple конечно почна да го користи USB-C приклучокот кај iPhone, а идната година ќе додаде поддршка за RCS, сега имаме и промени кај Windows 11.
Microsoft објави какви се’ промени може да се очекуваат кај Windows 11 за корисниците во ЕУ, а може да се каже дека ова се промени кои би било добро да ги имаше и без притисок од закони кои генерално не се баш така добри како што изгледаат во вакви ситуации.
Една од главните новини се можноста да се избрише Microsoft Edge, како и да се тргне можноста за пребарување преку Bing која е вградена во системот. Корисниците дополнително ќе можат да ги избришат и апликациите Camera, Cortana и Photos.
Можноста за бришење на Microsoft Edge е посебно „интересна“, а во главно поради тоа што Microsoft е веќе познат по сите тактики кои досега ги имаше употребено или уште употребува да ги натера корисниците да го користат нивниот прелистувач.
Друга промена, која исто така е добредојдена, е можноста да се исклучи Microsoft Start, односно големиот број на картички со вести во „Widgets“ делот од Windows 11. На ова треба да се додаде и можноста за исклучување на рекламите во овој дел.
Корисниците во ЕУ исто така ќе можат да бираат дали сакаат да ја синхронизираат својата Microsoft сметка со Windows, нешто што од компанијата се погрижија да е тешко да се направи за останатите корисници.
Целата статија од Microsoft можете да ја прочитате тука.