Дизајнот на Android дефинитивно може да се каже дека е подготвен за промени, а до истиот заклучок имаат дојдено и Google. После неколку неофицијални најави за промени во дизајнот, сега имаме и конкретна претстава во кој правец ќе се движат од компанијата преку блог објава која наводно по грешка била пуштена пред време.
Истата сега е тргната, но може да се види преку Wayback Machine страната, но сликите веќе не се достапни.
Наредната верзија од Material Design е наречена Material 3 Expressive и зад нејзиниот развој стои досега најголемото истражување од страна на Google, барем така тие истакнуваат.
Целта на новите дизајн правила е да се направо промена на сегашниот „чист“ и „досаден“ дизајн врз основа на кој повеќето апликации изгледаат скоро исто.
Material 3 Expressive донесува доста бои кај корисничкиот интерфејс, како и практични промени кои треба да го направат корисничкото искуство подобро, односно повеќе интуитивно.
Од страната која сега е тргната може да се види правецот во кој ќе се движи Google, но сепак ќе мора да почекаме до Google I/O идниот месец за да ги видиме повеќето детали.
Од Google истакнуваат дека Material 3 Expressive ќе го стави акцентот на боите, формата, големината и движење на елементите. Една од придобивките на ова е полесно забележување на потребните елементи во моментот, а според Google тоа корисниците ќе го прават 40% побрзо.
Дел од промените може да се каже дека се инспирирани од iOS, односно промени кои се најавуваат за наредната верзија од овој систем, а веќе се достапни на iPadOS. Пример за тоа е лентата за навигација која со Material 3 ќе биде „лебдечка“, односно нема да биде поставена на целата ширина од екранот.
За развојот на Material 3 Expressive Google имаат направено навистина сериозно истражување кое вклучувало следење на движењето на очите на корисниците, емотивната реакција, брзината со која корисниците успеваат да се снајдат со корисничкиот интерфејс и слично.
Резултатите покажале околу 30% подобрување на перцепцијата на дизајнот, неговата модерност, како и смелост.