Со претставувањето на iOS 15, секако дека на оваа верзија беше надграден и iPadOS. Apple пред некоја година логично се одлучи да ги издвои таблет компјутерите со посебна верзија од iOS, па иако iPadOS е направен на истата основа, сепак добива посебни функции.

Најголемата новина кај iPadOS 15 е можноста да „виџетите“ бидат поставени на било кој дел од главниот екран, помеѓу иконите, нешто што не стана дел од iPadOS кога тоа беше случајот со iOS. Одлуката на Apple беше малку чудна, со оглед на тоа дека таблет компјутерите имаат повеќе простор за да се поставуваат виџети, но еве сега тој „пропуст“ е исправен.

Останатите новини кај iPadOS 15 се поврзани со новините кои се дел од iOS 15, како и macOS Monterey, па Apple со тоа овозможува доста унифицирано корисничко искуство за корисниците кои имаат повеќе уреди од компанијата.

Safari и на iPadOS 15 ги добива редизајнираните табови, како и можноста за нивно групирање, а тука е и SharePlay функцијата на FaceTime. Focus е тука за бирање на кои известување да се прикажуваат, а изборот се синхронизира со останатите уреди на корисникот.

Карактеристично само за iPadOS 15 е подобрување на мултитаскинг функцијата, нешто што е доста важно кај уреди со поголем екран за разлика од мобилните. Корисниците сега ќе можат да ја вклучат функцијата преку посебно копче кај апликациите, а достапен ќе биде и полесен начин да се видат апликациите кои ќе може да се вклучат една до друга, како и да се провери содржината на кратко од друга апликација.

iPadOS 15, како и останатите оперативни од Apple, ќе им стане достапен на корисниците од есен, а бета верзијата ќе може да се инсталира од лето.

ИЗВОРApple
Претходна статијаРасел Кејн доаѓа во Скопје
Следна статијаНЕОТЕЛ со одлична можност за сите поддржувачи на македонската репрезентација
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.