Голем дел од Android уредите уште ја немаат добиено својата надградба на Android 12, а Google веќе ја покажа и првата верзија од новата генерација на оперативниот систем, Android 13. Како и секогаш, првите верзии се наменети за програмерите, па од оваа недела ја имаме Android 13 Developer Preview 1.

Иако се работи за самиот почеток од пуштањето на Android 13, веќе имаме неколку новини кои ќе бидат дел од уредите на корисниците од втората половина на оваа година, кога обично почнуваат официјалните надградби.

Првите претставени новини ја продолжуваат започнатата работа со Android 12, односно корисниците добиваат дополнителни можности од лани претставените функции.

Една таква функција е одличната можност за менување на боите на системот и иконите врз основа на боите од позадината која ја користи корисникот. Со Android 13 боите на иконите ќе се променат за сите икони, односно не само за тие од Google. Ова е доста важна новина, а промената на бојата само на дел од иконите, како што е сега случајот, оставаше малку чуден екран.

Апликациите ќе треба да имаат поднесено посебни икони со поддршка за промена на бојата за да може да бидат дел од промените, па веруваме дека повеќето програмери, барем на топ 10 најкористените апликации, ќе го направат тоа.

Друга промена која доаѓа со Android 13 е поврзана со приватноста. Корисниците сега ќе може да споделуваат слики од уредот, како и од „облак“ сервисите, без потреба да и се даде пристап на апликацијата до сите слики. Пристапот ќе биде даден само до сликите кои се споделуваат, па останатите ќе останат повеќе приватни.

Исто така, поврзано со приватноста, Android 13 ќе овозможи апликациите кои се поврзани со автоматско поврзување на уреди на W-Fi, без потреба од откривање на локацијата на корисникот.

Со новата верзија од Android корисниците ќе можат да избираат различен јазик за секоја апликација посебно, без потреба од менување на јазикот на целиот систем, а тука се и стандардните промени во кодот кои треба да овозможат подобро корисничко искуство.

Првата бета верзија од Android 13, која е наменета за повеќето корисници, не само за програмерите, може да се очекува во април, а финалната верзија од август, па натаму, но како што знаеме, корисниците кои немаат Pixel уред, ќе мора да почекаат уште некоја недела или месец.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаA1 со промотивна понуда за Постпејд корисниците на мобилни услуги
Следна статија„Срце полно љубов. Секој ден“ – 10 години постојани заложби за подобар свет
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.