Иако веќе 12 години стар, оперативниот систем од Microsoft, Windows XP останува инсталиран на голем број на компјутери во светот. Бројката постепено се намалува на сметка на новиот Windows 8.1, како и на сеуште најпопуларниот Windows 7 кои одредени организации го инсталираат и ден денес наместо најновата верзија.
Статистиките покажуваат дека Windows XP го користат околу 30% од корисниците во светот, од кои што најголем број се компании. Според истражување спроведено од страна на VMware во Октомври 2013, 94% од испитаните компании кои сеуште го користат XP не се целосно мигрирани на друг оперативен систем. Поголемиот број од нив планираат да ги мигрираат своите системи на Windows 7, додека само третина ќе го инсталираат најновиот Windows 8.1.
Причината поради која одредени компании сеуште го користат стариот оперативен систем е користењето на одреден компаниски софтвер кој што е направен за XP и не е компатибилен со други оперативни системи, како на пример сметсководствените програми, програмите за менаџирање на клиентите и слично. Трошоците и времето потребно да се што функционира во една компанија се направи компатибилно со понов оперативен систем се преголеми за одредени компании. Сепак кај некои од нив се работи и за навика и одложување на мигрирањето.
Поддршката од страна на Microsoft за Windows XP ќе заврши во Април 2014. Тоа значи дека после таа дата веќе нема да бидат издавани сигурносни надградби, закрпи, платена и бесплатна поддршка. Ова значи дека корисниците ќе може да продолжат да го користат XP меѓутоа нема да добиваат надградби за истиот и потенцијално ќе бидат изложени на сигурносни ризици, како и некомпатибилност на хардверот. Microsoft за своите оперативни системи овозможува 10 годишна поддршка, односно 5 години главна поддршка и 5 години продолжена.
Покрај поддршката за Windows XP, од идната година Microsoft ќе ја прекине и поддршката за Office 2003. Логиката е иста како и за оперативниот систем, па се препорачува да се инсталира понова верзија од пакетот.