Можеби не очекуваме нешто посебно ново од Apple Intelligence во јуни на WWDC 2025, но затоа изгледа можеме да очекуваме доста голема новост кога е во прашање дизајнот на оперативните системи од компанијата.
Според најчесто точниот Марк Гурман од Bloomberg, Apple планира драматична промена на софтверот за iPhone, iPad и Mac. Оваа промена се најавува дека суштински ќе го промени изгледот на системите, а резултатот ќе биде и поголема конзистентност помеѓу нив.
Се очекува промена на дизајнот и стилот на иконите, менијата, апликациите, прозорите, како и системските копчиња. Ова оди во правец на целосен редизајн, а последниот беше направен со macOS 11 Big Sur во 2020, односно iOS 7.
Гурман додава дека Apple ќе има за цел да го поедностави начинот на којшто корисниците ги користат системите и ги контролираат своите уреди. Промените треба да бидат подлабоки од само промена на изгледот, односно посуштински.
Во кој правец изгледа ќе оди редизајнот може да се види од visionOS, системот кој Apple го претстави за нивниот Vision Pro уред, а најави за вакво нешто гледаме веќе две години.
Сепак, не треба да се очекува ист стил со visionOS, па на дизајнот на тој систем треба да се гледа само како на основа за промените.
Дека Apple започнува да оди во нов правец можеше да се види и од новата Apple Invites апликација, која се смета како пример за тоа што ќе го видиме оваа година.
WWDC 2025 како и секогаш ќе се одржи во јуни, а во периодот што следи ќе бидат објавени и точните дати. На овој настан ќе бидат презентирани сите промени, а во месеците до септември прво програмерите, па и обичните корисници ќе имаат можност да ги тестираат новите верзии.