Apple Intelligence функциите се’ уште не им се официјално достапни на корисниците, а тоа според информациите ќе биде случајот дури во октомври со iOS 18.1, iPadOS 18.1 и macOS 15.1 надградбите.
Сепак, уште сега се најавува дека дел од тие функции нема да им бидат достапни на сите корисници, односно дека за нив ќе треба да се доплати. Информациите одеа дотаму дека месечната претплата ќе започнува од 20 долари, што секако не е мала сума.
Според Марк Гурман, кој обично е во право, ова не е баш точно. Apple планираат некогаш да почнат со наплата на дел од функциите, но тоа нема да биде за овие кои беа презентирани и ќе им станат достапни на корисниците во октомври.
Гурман верува дека Apple ќе почнат да наплаќаат кога ќе имаат да им понудат на корисниците навистина корисни и напредни функции, а тоа според него нема да се случи уште неколку години, па најрано кога може да се очекува е од 2027.
Моментално, дел од презентираните Apple Intelligence функции им се достапни за тестирање на програмерите, а iPhone 16 серијата се очекува дека нема веднаш да дојде со нив. Надградбата ќе им стане достапна на корисниците неколку недели подоцна, односно во октомври.