Фото: Apple

На WWDC конференцијата минатата недела Apple ги презентира новините кои доаѓаат кај нивните системи, а се „засилени“ со генеративна вештачка интелигенција. Очекувано за компанијата, овие нови функции се брендирани посебно и го носат името Apple Intelligence.

Со Apple Intelligence од компанијата се приклучуваат на трендот на интеграција на функции со генеративна ВИ, а како и обично, Apple доби доста пофалби за нивниот стил и начин на имплементација.

Не сите најавени функции ќе им станат веднаш достапни на корисниците по пуштањето на официјалните и финални верзии од оперативните системи во септември. Поголемиот дел од нив дури не се достапни во првата бета верзија за програмерите која стана достапна минатата недела.

Марк Гурман во неговиот најнов неделен билтен објаснува дека новите ВИ функции ќе бидат пуштани постепени до средината на идната година, а според него тоа е добро. Apple со ова излегува од нивниот стандарден начин на пуштање нови функции кои обично веднаш стануваат достапни.

Гурман истакнува дека на овој начин ќе се овозможи инженерите во Apple да ги завршат функциите како што треба, пред да се насочат кон други. Исто така, достапноста само на англискиот јазик на почеток ќе овозможи подобро тренирање на јазичните модели, а и постепено зголемување на капацитетите на новите сервери од компанијата потребни за работа на овие модели.

Сепак, дел од најавените функции ќе бидат веднаш достапни, а тие ќе ги вклучуваат сумирањето на известувањата и пораките, сумирањето на веб страните, можноста за генерирање на „емоџи“ икони и слично.

Apple посебно истакнува дека сите овие новини ќе бидат под ознаката „бета“, што значи дека не сметаат дека се целосно подготвени за официјално пуштање.

Тоа што исто така ќе потрае при имплементацијата се новите можности на Siri, со кои асистентот конечно ќе стане тоа коешто требаше да биде уште од самиот почеток.

ИЗВОРBloomberg
Претходна статијаНовите iPad Pro уреди се пример за тоа што може да се очекува од компанијата во иднина
Следна статијаНеколку мали новини доаѓаат кај Старт менито и долната лента во Windows 11
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.