Од вчерашниот ден, доколку сте корисник на некој од Apple уредите, достапни се надградби на сите оперативни системи од компанијата. Се работи за помали надградби, односно тековни надградби кои Apple ги пушта неколку пати во годината.

Достапни се надградби за iOS, iPadOS, watchOS, како и за macOS. Надградбите за iOS и iPadOS исправаат 30 безбедносни пропусти, а според информациите, ниту еден од нив не бил искористен од страна на хакери.

Што ново донесуваат новите верзии од оперативните системи на Apple:

iOS 16.2 и iPadOS 16.2

Корисниците на iPhone и iPad со оваа надградба ја добиваат интересната нова функција на Apple Music, наречена Sing. Како што се очекува од самото име, Sing овозможува намалување или исклучување на вокалите од песните и пеење караоке.

Втората новина ја донесува одличната Advanced Data Protection функција за iCloud, која овозможува заштита преку шифрирање на додатни делови од овој сервис. Сега корисниците ќе можат само тие да имаат пристап до податоците во iCloud како што се пораките од iMessage, сликите, белешките и слично.

Оваа новина сега е пуштена во САД, а во остатокот од светот ќе стане достапна на почетокот од идната година. Истата е достапна во iCloud прилагодувањата, но истакнато е дека се’ уште не е достапна во нашата земја.

Со овие нови верзии корисниците добиваат и една нова апликација од Apple. Freeform апликацијата е замислена како една табла на која може да се црта, да се ставаат белешки, текст, слики и видеа, со цел соработка со пријателите, колегите и слично.

На „заклучениот екран“ на iPhone додадени се нови „виџети“, па може да се додадат виџети за Sleep функцијата, како и за функцијата за лекарства. Корисниците на iPhone 14 Pro добиваат можност да ја исклучат позадината и известувањата на always on екранот, нешто што иако беше уникатно, сепак беше критикувано од голем број корисници.

Корисниците на iPad добиваат подобрување кај Stage Manager функцијата, можност за „влечење“ на датотеки од таблетот кон надворешниот екран на кој е поврзан и слични подобрувања.

macOS Ventura 13.1

Исто како и кај iPhone и iPad, корисниците на Mac ја добиваат новата Freeform апликација, како и Advanced Data Protection функцијата за iCloud. Кога ќе биде пуштена на почетокот од идната година, ќе може да се вклучи на сите уреди.

Ова се главните новини, а остатокот од надградбата вклучува подобрување на перформанси и исправка на некои грешки.

watchOS 9.2

Надградбата за часовниците во главно донесува одредени подобрувања кај постојните функции. Па така, Outdoor Run вежбањето добива можност за автоматско детектирање на патеки за џогирање, достапен е нов алгоритам за Kickboxing, а достапни се и исправки на „багови“.

Новите верзии од оперативните системи се бесплатно достапни, секако, а може да се инсталираат на стандардниот начин преку проверка за нова верзија во General > Software Update.

Претходна статијаПостигнат голем напредок кон можноста за користење на нуклеарната фузија како извор на енергија
Следна статијаInstagram ја воведе Notes функцијата, нови групни профили, како и одговор на популарната BeReal апликација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.