При презентацијата на наредните генерации од оперативните системи, Apple најави новина која корисниците одамна ја бараат кај Messages апликацијата, а е достапна кај конкурентите. Messages, која е достапна на iOS, iPadOS и macOS, доби можност за измена на испратените пораки, како и нивно бришење.

До официјалното пуштање на новите верзии, овие системи се достапни за тестирање од страна на програмерите, но и обичните корисници преку бета програмата.

Apple ги пушти најновите бета верзии минатата недела, па долго бараната функција кај Messages доби одредени измени кои најверојатно нема толку да им се допаднат на корисниците.

Можноста за измена на пораките е ограничена на 15 минути од испраќањето на пораката, а сега при притискање на ознаката за измена корисниците ќе можат да ги видат и претходните пораки, не само најновата изменета. Исто така, измените на пораките ќе биде ограничено на 5 измени.

Можноста за бришење на испратените пораки сега е намалена од 15 минути на 2 минути, што значи дека корисниците ќе треба брзо да се решат дали пораката што ја имаат пратено сакаат да ја избришат.

Со оглед на тоа што има уште два месеци до пуштањето на финалните верзии од овие оперативни системи, можни се дополнителни промени во било кој правец.

Иако Apple не коментира директно за промените во бета верзиите, се верува дека причина за најновите промени е можноста за измами и малтретирање на корисниците доколку не може да се види оригиналната порака, како и подолгиот рок за бришење.

Претходна статијаУправувајте со вашиот бизнис со Telekom MK апликацијата за деловни корисници
Следна статијаИграњето компјутерски игри не влијае негативно на менталното здравје на луѓето
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.