Преку разгледување на кодот од Android 15 бета верзија, Мишаал Рахман од Android Authority открива нова функција која верува дека ќе биде дел од наредната верзија од системот, односно дел од Android 16 идната година.
Се работи за нова API алатка која овозможува пристап до „Rich Ongoing Notifications“, нешто што досега беше достапно само за апликациите за телефонски повици и прикажување на изминатото време во горната лента.
Со наредната верзија од Android сите програмери, односно апликации ќе можат да добијат пристап до оваа функција, па во горната лента наместо само иконата од апликацијата кога има известување, тие ќе можат да истакнат текст и да изберат боја за позадината.
Оваа новина најлесно е да се објасни со споредување со Dynamic Island функцијата кај iOS, односно можноста на апликациите да прикажуваат континуирани известувања за одредени работи.

Пример за кога една ваква функција е корисна е за прикажување на времето до пристигање на Uber возилото или до пристигањето на доставувачот на храна.
Со оглед на тоа што има уште доста месеци до пуштањето во тест форма на оваа новина, нема многу дополнителни информации за тоа како точно би функционирала оваа можност.
Во случајот со iOS и карактеристично за Apple, ваквите известувања доаѓаат со посебна анимација, а достапни се и на „заклучениот екран“. Можно е нешто слично да биде случајот и на Android.