Уште од почетокот на користењето на интернет мрежата, Windows беше доминантен оперативен систем за пристап, доминација која траеше повеќе од две децении. Сепак, сега има нов крал, а тоа е Android, кој благодарение на распространетоста и тоа што се нуди на многу голем број на уреди, го престигна Windows и сега е најкористен оперативен систем на интернет мрежата.

Во бројки разликата не е голема. Всушност, заедно двата гиганти држат скоро 80% од корисниците кои пристапуваат на интернет, што ги остава останатите конкуренти далеку назад. Android инаку води со 37,93%, додека Windows има 37,91%. Ова и се очекуваше веќе подолго време, не само поради тоа што Android има константен раст на популарноста, туку поради тоа што се поголем дел од корисниците пристапуваат на интернет само од смартфон или таблет и воопшто не поседуваат компјутер.

За ова потврда е исклучително високата искористеност на Android на азиските пазари, каде Android има 52,2% од корисниците, пред Windows со 29,2%. Од друга страна, во Европа и натаму доминира Windows со 51,7% пред Android со 23,6%, додека во Северна Америка главен е Apple со iOS со 25,7% од корисниците кои пристапуваат на интернет.

Сепак, доколку се земат само компјутерите, односно лаптоп и десктоп машините, Windows и натаму е убедливо најкористен оперативен систем во светот со значителни 84%. Но, колку е тоа важно во свет кој станува се помобилен? Засега, компјутерите и натаму се исклучително важни, бидејќи на нив е полесно да се изрекламира некој производ, но иднината е дефинитивно во преносните уреди.

Извор: The Next Web, The Verge, CNET

Претходна статијаApple ќе развива свои графички чипови
Следна статијаРани прототипи на Galaxy S8 имале двојна камера?