650x300xlcd-computer-screen-at-night-without-f.lux_.jpg.pagespeed.ic.9OskGa1rXE

После гледање во активен екран со сопствено осветлување (телефон, таблет…) навечер тешко е да се заспие и не ви се спие и покрај тоа што знаете дека е време за легнување. Утрото сте ненаспани и ве боли глава или очи и знаете дека е поради гледањето во екранот, но следната вечер повторно не ви се спие кога сакате да ја дочитате таа животно-битна статија во 1 часот наутро… Повеќето кои читаат пред легнување знаат дека гледањето во екран им влијае негативно врз сонот, ги прави помалку сконцентрирани и имаат проблеми да се расонат наутро, а сега тоа се потврди со високо-контролирана студија.

Имено, научните направиле две групи на луѓе од по 6 членови кои имале задача во тие две недели дур траело истражувањето да читаат по 4 часа дневно, а потоа да си легнат во 10 часот навечер. Во првата недела, првата група читала на загасито светло и читала весник, а втората читала од е-читач со активен екран (екран со сопствено осветлување). Во втората недела ги смениле начините на читање.

При истражувањето истражувачите го испитувале периодот на ИОД периодот (период на интензивни очни движења, попознат и како REM – rapid eye movement sleep)  и длабок сон кај испитаниците, но и им поставувале прашања за нивото на наспаност, како се осеќаат утрото и слично.

Истражувачите утврдиле дека оние кои читале од активен екран имале потешкотии да заспијат (во просек им требале 10 минути плус за да влезат во сон), имале помалку време поминато до ИОД периодот од сонот (кој се претпоставува дека е клучен за одморање на мозокот и консолидација на меморијата) и им требало повеќе време да се осеќаат свежи откога ќе се разбуделе.  Вечерните нивоа на мелатонин (регулаторот на дневниот циклус и сонот) биле намалени за половина кај оние кои читале од уреди со активен екран.

Инаку хроничното намалување на ИОД периодот се поврзува со многу психолошки пореметувања како анксиозност, иритабилност, халуцинации, отежната концентрација, па дури и зголемување на апетитот. Намалувањето на мелатонинот, кој ги регулира соновите фази, е главната причина за ваквата хронична намаленост на овој период од сонот.

Пред некое време беа пронајдени специјални очни рецептори кои имаат за цел да помогнат во мозочната функција на лачење мелатонин т.е. кога тие се стимулирани, лачењето на мелатонин се намалува или го снемува. Тие се осетливи на фреквенции од видливата светлина кои припаѓаат на синиот дел од спектарот, а синото осветлување е доминантно во уредите со активен екран што може да го објасни нивниот лош ефект врз нашиот сон.

Имајќи го ова предвид, се препорачува да го намалите времето на читање и гледање во вештачки екрани барем до 1 час пред спиење, да се префрлите на уреди и начини на читање без активен екран (на пример, е-читачи со e-ink екран без сопствено светло) како и да користите разни алатки кога не може да го избегнете гледањето во екран. За Виндоус би ви го препорачал програмот f.lux, а за Андроид – Twilight.

Извор: Arstechnica

Претходна статијаSamsung го претстави SE790C заоблен монитор за посебно корисничко искуство
Следна статија„Супербактериите“ може да убиваат 10 милиони луѓе годишно до 2050 година