extra_large-1466594372-cover-image

Животот е прилично нефер. Се раѓаме, 20-25 години се мачиме да се осамостоиме, спиеме третина од него, 70 години се бориме да преживееме и на крај – умираме. Повеќето од нас се помирени со тој факт. Шансите се дека и вие сметате дека кога ќе отидете на „онаа страна“, веќе телото е мртво и неактивно.

Е па, помислете се околу тоа бидејќи една група на научници откри дека телото не само што не престанува со работа после смртта, туку цели 4 дена по тој настан стотици негови гени се активираат. Дали е тоа последната пцовка која му ја пружате на Универзумот за вашата судбина? Не би можеле да кажеме.

Интересното е што гените се активирале по некој одреден редослед и скоро во точно одредено време. Според тимот, ова би значело дека нивната активација ќе може да ја следат форензичарите како би откриле кога точно настапила смртта, во рангот на минути, а не како сега – денови.

Опитот бил направен на рибите-зебри и секако редовните глувци кои за овие потреби биле „жртвувани“. Потоа биле анализирани од аспект на активација на нивните гени. Кај зебра-рибите биле испитувани 36.811 гени, а кај глувците 37.368 гени. Да, тоа се илјадници гени кои биле следени, што ја открива моќта на денешната технологија која им е достапна на генетичарите.

За жал, денот на смртта научниците успеале да го одредат само со анализа на гени експресирани во црниот дроб, а не успеале да постигнат анализа преку гените од мозокот кои веројатно се побитни за форензичарската работа.

Што ја предизвикува нивната активација?

Според мене, разните гени низ телото имаат точно контролирана експресија додека сте живи. Тие се врамнотежени со други гени и закочени, освен во точно одредени ситуации. Кога ќе престане да работи телото веќе некои вакви „кочници“ не работат, па дел од гените се слободни да се експресираат. Дополнително, нивниот резултат поттикнува други гени да се експресираат, и тоа води до ваквата „композиција“ која ја виделе научниците.

Како и да е, ако ви е покомфорно, изгледа дека останувате живи уште некој ден после смртта. Екстра време за да се вратите на вистинското хоби, да пишете писмо на долгогодишната симпатија или пак да ја дочитате книгата која требаше да се прочита уште пред години.

Дополнителни информации: IFLScience, TechTimes, Science Alert

Претходна статијаSnapchat ќе претстави апликација за Windows 10?
Следна статијаFacebook претстави ново лајк копче и екстензии за Google Chrome