d3edio7vdkdifjh9il4c
Симулација на спојувањето на две црни дупки и резултантното зрачење на гравитациони бранови

Научниците можеби конечно ги открија гравитационите бранови… и воедно докажаа дека не ги бива за чување тајни. Имено, во „протечена“ порака од Клиф Барџес, теоретски физичар при Мекмастер Универзитетот и Периметар Институтот за теоретска физика (и двата од Канада), се искажува дека трачевите околу наоѓањето на гравитациони бранови од LIGO (Laser Interferometer Gravitational-wave Observatory) можно е да се точни.

Барџес дава и неколку специфични податоци како индикација, а особено битна е информацијата дека се добиле податоци со ниво на доверба од 5.1-сигма. Инаку, научниците обично го користат 5-сигма за да прифатат некое прибирање податоци како доволно за утврдување на вистинитоста на некоја хипотеза околу следениот феномен. Ако е навистина така, тогаш тоа би значело директна потврда на постоењето на гравитационите бранови.

Се` уште нема официјална потврда, а од LIGO соработката велат дека се „… анализираат податоците и ќе се споделат вестите кога ќе бидат подготвени“, демек, да не биде дека нешто значајно ни кажале. Нивниот проблем е што Барџес ја пратил пораката до целиот департман во кој работи, а некој едноставно ја ископирал како слика и ја споделил на Twitter. Толку од чувањата на тајни меѓу научниците.

si-LIGOtwitter

Инаку, се работи за две црни дупки кои играат танц меѓу себе. Во нивниот танц тие го намалуваат меѓусебното растојание, а го зголемуваат забрзувањето на движењето, и токму ова (теоретски) треба да ги излачи гравитационите бранови кои наводно биле детектирани со LIGO.

Како и да е, откривањето на гравитациони бранови е нешто што ќе ни помогне во подобрување на нашата слика за светот и Универзумот. Нивното постоење е оригинално поставено од Ајнштајн во неговата Теорија на релативитет, но досега имаше само недиректни индикации за нивното постоење.

Што се, всушност, гравитационите бранови?

xqr9ohidgkke5idvznkm

Според Теоријата на релативитет, масата предизвикува виткање на времепросторниот континуум. Раскажано на македонски ова значи дека масивните објекти, како нашата Земја, предизвикуваат виткање на просторот и времето. Колку поблиску се наоѓаме до нив толку поголем е ефектот. Од друга страна, колку поголема маса имаат самите вселенски објекти, толку посилен ефект на виткање имаат.

Виткањето на просторот, пак, предизвикува друг ефект – гравитацијата. Во Теоријата на релативитет, всушност гравитацијата е свиткувањето на просторот кон масивните објекти. Кога таквите објекти едноставно патуваат низ вселената без да поминуваат до други масивни објекти гравитацијата е константна и неменлива.

Од друга страна, ако некој масивен објект започне да се приближува до друг и особено ако влезат во некоја интересна танцова конфигурација (на пример, две црни дупки кои почнуваат да се вртат околу себе додека го намалуваат меѓусебното растојание) тогаш гравитацијата од двата објекта почнува да „реагира“ и да прави дисторзии во времепросторниот континуум.

ef2d50t9eu2xkwpx9j3t
Дизајн на LISA Pathfinder, уред кој ќе се обидува да детектира гравитациони бранови додека лебди во вселената

Ако двата објекта не се врамнотежат во стабилна конфигурација туку продолжат да го намалуваат меѓусебното растојание, а да ја зголемуваат брзината, гравитациските зрачења кои ќе произлегуваат од нив ќе добијат ефект на „бранови“ – полиња на помала и поголема гравитација кои се шираат во концентрични кругови од изворот и на кои им се намалува моќта квадратно со растојанието.

Во теорија гравитационите бранови би требало лесно да се откријат, но во пракса објектите кои најчесто ги предизвикуваат се толку далеку што до нас стигнува ептен мало количество од нив. Толку мало што не можеме да го детектираме бидејќи немаме толку прецизна апаратура. Но изгледа дека во овој случај сме успеале тоа да го направиме, првенствено зошто се работи за две огромни црни дупки кои играат танго една со друга.

За жал, се` уште не можеме да ги јаваме овие бранови за да импресионираме лица од спротивен пол, но можеби за неколку десетици илјади години и тоа ќе стане реалност.

mark_mathews

Дополнителни информации: Gizmodo, Gizmodo 2, Gizmodo 3ScienceMag

Претходна статијаПрограмер претвори iOS во Windows 10 апликација за само 5 минути со помош на iOS Bridge
Следна статијаНајпродавани книги во Македонија во 2015 година