IFJ160302b_fot01

Ако насловот ви изгледа на текст преведен од македонски на англиски, па повторно од англиски на македонски преку Google Translate, не очајувајте. Ќе ви објасниме сè постепено.

ГХС, Стандарден модел и други фрази на мандарински

Имено, ГХС е скратеница за Големиот хадронски судрувач (LHC, Large Hadron Collider). ГХС е раководен од Европската организација за нуклеарни истражувања (CERN) и има намена да испитува состојби во физиката кои тешко можат да се испитаат на друг начин. Најчесто се работи за судрување на разни честички и преку тоа утврдување на карактеристиките при судирот – дали тоа е нова честичка, некаков ефект и слично, а со тоа испитување на предвидувањата од Стандардниот модел.

Стандардниот модел, пак, е модел на физичкиот универзум фокусиран на физиката на честичките. Тој ги опфаќа сите нуклеарни сили и ги класифицира сите податомски честички, како што се глуони, лептони, кваркови, фотони и слично. Научниците работат на унапредување на Стандардниот модел и на хармонизација на неговите составни делови. Тој е сè уште непотполн бидејќи нема способност да ја вметне гравитацијата како космолошки ефект.

Стандардниот модел е обид да се смести физиката на космосот во една, обединета рамка, и работи на принцип на превидувања. Разните научници даваат предвидувања за карактеристиките на податомските честички кои преку нив се хармонични со другите и потоа со уреди како ГХС се утврдуваат вистинските карактеристики и дали се поклопуваат со превидувањата.

Што се случило овој пат

ГХС при
ГХС при ЕОНИ, фотографија од воздух

Ништо претерано страшно – само можеби научниците поставија основа за промена на Стандардниот модел. Имено, во најновите резултати од ГХС однесувањето и карактеристиките на една честичка не се поклопува со предвиденото. Се работи за Б мезон кој е составен од доле-кварк и долен антикварк.

Аномалијата била забележана при распадот на Б мезонот. Тоа што требало да се случи е да се распадне на два муони за време од 0,0015 наносекунди. Сепак, распадот произвел малку поразличен производ него очекуваниот, а потврдата доаѓа со доверба од 3,4-сигма што е прилично голема (но, недоволна за прогласување ново откритие за кое е потребно поминување на 5-сигма).

Ова е битно од аспект на тоа дека Стандардниот модел се обидува да објасни многу феномени во Универзумот и да ги вметне кај себе објаснувањата за антиматерија, гравитација, основните интеракции меѓу честичките. Ако некој пронајдок не се поклопува со неговите предвидувања тоа може да значи дека ќе треба да се прави ревизија и да се „промени физиката“ т.е. нашето спознание за нејзе.

Затоа научниците ќе продолжат со експерименти кои ќе се обидат да постигнат повеќе од 5-сигма како доволни за ново откритие, по што ќе се дадат кон објаснување на наодите и нивно сместување во Стандардниот модел. Тоа укажува и на потребата од финансирање и оперирање на такви големи научни проекти кои се занимаваат со испитување на суштината на нашето постоење во Универзумот.

Дополнителни информации: IFLScience, IFJ Pan Press Office

Претходна статијаLeMaker лансира мини серверска плоча со ARM чип наменета за дивелоперите
Следна статијаДостапна тест верзија од Android N – порано од очекуваното