ХИВ и неговата хронична состојба СИДА се една од најпостојаните заболувања со кои се борело човештвото. Од неговото откривање во осумдесеттите години до сега со ХИВ живеат повеќе од 35 милиони луѓе насекаде во светот, од кои огромен процент не ни знаат дека го носат во себе. Имањето на ХИВ веќе не е смртна казна и се префрли во хронична болест, под услов да се открие навремено и да се започне со редовна антиретровирална терапија.
Антиретровиралната терапија во повеќето земји во светот е бесплатна и субвенционирана. Па сепак, кој и да го прашате нема сигурно да ви рече дека би прифатил да биде заразен со ХИВ, а тие што се заразени пре би да најдат вистински лек место хронична терапија. Научниците напорно работат на наоѓањето на потенцијален лек за ХИВ. Веќе неколку пати се дојдени многу блиску до темелно решение против вирусот (кој со стандардната антиретровирална терапија не може да се уништи целосно).
Па така научниците од Temple University School од Филаделфија, користејќи го уредувачот на ДНК за кој пишувавме претходно, успеале да го „откинат“ парчето ДНК од човечки клетки кои го носат вирусот и од кои продолжуваат да се прават нови копии на истиот во заразените клетки. Нивниот метод на работа е со помош на нуклеаза која претставува секач на ДНК и водечка РНК (guide RNA – gRNA) која го препознава кодот на ХИВ. Тие целат на парчето од геномот каде што е сместен ХИВ и го отсекуваат. Потоа клетката си го поправа исечокот во ДНК, а парчето со вирусна ДНК е исфрлено како отпадок од клетката.
Ваквата комбинација научниците ја искористиле и за создавање на „имунитет“ – клетките кои биле вооружени со една ваква комбинација на нуклеаза и водечка РНК биле отпорни на ХИВ. Според Д-р Калили, водачот на проектот, „Бидејќи ХИВ-1 никогаш не бива исчистен од имунитетниот систем, потребно е отстранување на вирусот за да се излечи болеста. … Ние сакаме да ја уништиме секоја копија од ХИВ-1 од пациетот. Тоа и ќе го излечи од СИДА. Мислам дека ова е технологијата со која ќе можеме да го оствариме ова“. Тестовите досега биле остварени на лабораториски-израснати човечки клетки, но ќе се оди на предклиничка па клиничка фаза на испитување на ваквото решение.
СИДА-та е една од чумите на 20-тиот и 21-виот век и сметаме дека е веќе време да им се најде лек. Според официјалното објаснување ХИВ се претпоставува дека дошол од животни (потточно мајмуни) каде што е наречен СИВ (Симијански имунодефициентен вирус). Имаме прочитано и алтернативни објаснувања, како тоа дека е инженерски производ (биооружје) на разни тајни агенции. Кој и да е причинителот за неговото настанување, триесеттина години борба е повеќе од доволно време да се најде лек за ова заболување и конечно да почнеме поактивно да се бориме со другите.
Извор: DailyMail, Medical News Today