Ова ќе биде една од најбитните вести кои ќе ги прочитате денеска. Имено, научниците од Универзитетот Темпл (Temple University) преку користење на неодамнешно откриениот CRISPR/CAS9 метод за геномска промена позајмен од бактериите, успешно ја отстранија генетската информација на ХИВ од Т-клетките, едни од главните борци на имунитетниот систем.
Во ред, но тоа дали го спречува ХИВ да ги зарази повторно или пак да зарази други Т-клетки? Тоа што е навистина возбудливо околу оваа операција е дека вака третираните Т-клетки постанале имуни на ХИВ и веќе не можат да се заразат со него! Тоа значи дека тие можат да продолжат да функционираат во организмот, да се делат и да се борат против инфекции, а во некои случаи и против самиот ХИВ.
Лек за ХИВ?
Ова би можело да значи почеток на доаѓање до вистинскиот лек за ХИВ и уништување на оваа глобална пандемија која веќе неколку декади убива илјадници луѓе ширум светот. Досега околу 30 милиони луѓе имаат починато од СИДА, која е резултат на хронично намалување на способноста на имунитетниот систем да се справува со разни опортунистички инфекции кои едвај чекаат да се закачат за човекот, а инаку се под контрола.
Имено, ако успешно е изваден ХИВ од клетки на имунитетниот систем и тие се понатаму имуни на нови инфекции, доволно вака третирани клетки ќе значи успешна борба против ХИВ внатре во организмот.
Д-р Ахмед Калили за овој експеримент го изјави следното:
„Овие наоди се битни на повеќе нивоа. Тие ја демонстрираат ефективноста на нашиот систем за уредување на гени при елиминирање на ХИВ од ДНК на ЦД4 Т-клетките, и трајно блокирање на неговото копирање преку воведување мутации во вирусниот геном. Дополнително, тие укажуваат дека системот може да ги заштити клетките од повторна инфекција и дека технологијата е безбедна за клетките без отровни ефекти“.
CRISPR/CAS9
Ефикасноста на CRISPR/CAS9 системот за уредување на клеточен геном сè повеќе се потврдува. Претходно пишувавме за создавање на првиот целосно вештачки геном, за борбата против маларијата, како и за гасење на лоши гени.
Иако ваквата технологија потенцијално лежи на бомба од контроверзни употреби и создавање на разни биолошки оружја, сепак, очигледно е дека кога се користи за добри цели има огромен потенцијал да помогне во решавање на огромни проблеми, од кои еден е пандемијата со ХИВ.
Дополнителни информации: UPI, Neatorama, IFLScience, Wiki: HIV/AIDS Research