what-are-brainwaves

Со помош на читање на записот од мозочните сигнали, невролозите од Универзитетот во Вашингтон успеаја да декодираат што мисли испитаникот и тоа со неверојатна точност. Придобивките од ова откритие објавено во PLOS Computational Biology се неброени започнувајќи од можноста за комуникација со парализираните лица, како и глувонемите и слепи лица, па завршувајќи на разновидните терапии за повреди на мозокот кои допрва ќе се развиваат.

„Клинички, можете да мислите за нашиот резултат како доказ на концептот кон градење на комуникациски механизам за пациентите кои се парализирани или пак, имале мозочен удар и се потполно блокирани“ – истакна еден од спроведувачите на студијата компјутерскиот невролог Раџеш Рао (Rajesh Rao).

Студијата била спроведена врз седум пациенти со епилепсија од една болница во Сиетл. Тие имале електроди закачени за нивните глави, поточно за темпоралниот и окципиталниот лобус од кортексот, со примарна цел да се лоцираат изворите на епилептичните напади во нивните мозоци. Но, кога електродите биле активни тие исто така ги забележувале мозочните бранови на испитаниците и тоа два вида на мозочни бранови: ERP и Асинхрони широки сигнали (Asynchronous Broadband Signals).

На испитаниците им биле покажувани слики од лица и куќи кои се менувале без редослед и тоа со брзина од 400 милисекунди. Со помош на посебен алгоритам за интерпретирање на податоците од активноста на мозокот, истражувачите биле во можност со 96% прецизност да одредат не само кога пациентот гледал слика, туку и што имало на сликата. „Како и да е, ние бевме во можност да декодираме спонтано од сигналот, па можевме да го погледнеме мозочниот сигнал и да речеме дека во дадено време тие виделе одреден вид на слика“ – заклучува главниот истражувач Каи Милер (Kai Miller).

Научниците сметаат дека нивното откритие најмногу може да им помогне на оние пациенти со оштетувања на мозокот кај кои врските помеѓу одредени делови од мозокот се прекинати. Тие области со дополнителна стимулација можат да ја вратат првобитната функција на мозокот.

Ова откритие е од огромно значење не само за медицината. Овој генијален изум за дешифрирање на човечката свест во реално време е еден универзум над детекторот за лаги. На овој начин на пример, можат да се ловат криминалците не само пред да го сторат делото, туку пред да помислат да го сторат. Само замислете колку човечки животи ќе можат да се спасат, доколку терористите се фаќаат веднаш штом во нивните глави се родат мрачните мисли.

Извор: IFLScience, Engadget

Претходна статијаSurface тимот на Microsoft патентира модуларен десктоп компјутер
Следна статијаИгрите на Linux ќе имаат графика како во Windows благодарение на Vulkan